Почнав со пливање на осум или на девет години, чисто колку да пробам, многу ми се допадна, ми се погодија клубот, другарите, тренерот, начинот на живот и, ете, така останав повеќе од 25 години во овој спорт. Голема чест и привилегија е да се биде во друштво на најдобрите пливачи во историјата на маратонското пливање. Но истовремено и некој вид сатисфакција дека трудот и резултатите што ги имам остварено оставаат белег во спортот на светско ниво, вели за „Нова Македонија“ Поп Ацев, од в година член на Куќата на славните на маратонското пливање

ЕВГЕНИЈ ПОП АЦЕВ, ПЛИВАЧКИ МАРАТОНЕЦ

Македонскиот пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев (35) зад себе има еден куп освоени трофеи, остварени победи, испливани километри во мирни и во разбранувани води. Неговата активна маратонска кариера траеше од 2007 до 2021 година, притоа во 2015 и во 2017 година триумфира на Светската гранпри-серија во маратонско пливање, а во 2019 година беше најуспешен и на ултрамаратонската серија на Светската пливачка федерација (ФИНА). Тој настапил на 106 трки од светска класа во 21 држава, а девет години се качувал на подиумот во генералниот пласман. Од другите позначајни успеси можат да се издвојат 13. место на светско првенство (25 км) во 2019 година, победа на маратонот Капри-Наполи во 2016-та, петти вкупно во Светскиот куп (СК) на 10 км во 2019 година, триумф на Охридскиот маратон во 2015-та, а годинава прв на Илинденскиот куп во Охрид… Поп Ацев е спортист на Македонија за 2015 година, спортист на Град Скопје за 2019 година… Досега настапувал за АПК Студент, Свонзи Акватикс, а сега е член на Вардар 2018. На 18 мај 2024 година, во Канкун (Мексико), за своите големи достигнувања во овој спорт, дипломираниот стоматолог Поп Ацев ќе стане член на Куќата на славните на маратонското пливање, каде што во 2016 година беше примен и првиот македонски маратонец, Томи Стефановски.

Што претставува за вас ова признание, да се биде член на Куќата на славните во маратонско пливање?
– Голема чест и привилегија е да се биде во друштво на најдобрите пливачи во историјата на маратонското пливање. Но истовремено и некој вид сатисфакција дека трудот и резултатите што ги имам остварено оставаат белег во спортот на светско ниво.
Дали очекувавте дека ќе го добиете ова големо признание следната година, многу порано или, пак, подоцна?
– Ова е втора година да бидам номиниран. Искрено, не знаев на што да се надевам оти конкуренцијата е многу силна и има многу добри маратонци што беа номинирани и многу е тешко да оцените за кого ќе гласа комисијата, бидејќи секој има свој критериум. Претходната година, на пример, беше примен победникот на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро во 2016 година.
Зошто се одлучивте токму за пливањето, а не за некој друг спорт и како почна сето тоа?
– Во почетокот сакав да ги следам стапките на татко ми, кој бил пливач, така што имав некаква претстава од него и природно ми беше и јас да пробам. Мајка ми, пак, беше гимнастичарка, па и тоа пробав да тренирам како дете. Почнав со пливање на осум или на девет години, чисто колку да пробам, многу ми се допадна, ми се погодија клубот, другарите, тренерот, начинот на живот и, ете, така останав повеќе од 25 години во овој спорт.
Во 2015 и во 2017 година триумфиравте на Светската гранпри-серија, а во 2019-та бевте најуспешен и на ултрамаратонската серија на ФИНА. Кој од овие три победнички настапи би го издвоиле како најдраг?
– Тешко е да се каже, секоја победа си има своја тежина и убавина. Но можеби најдрага ми е 2015-та, бидејќи тоа беше прва година да победам во гранпри-серијата, па можеби и поради тоа ми е најмногу во сеќавање.
На која трка ви било најтешко да пливате?
– На трката во Канада, во Сент Жан, на 32 км, која е дел од гранпри-серијата, а најмногу поради студената вода, со што секогаш тешко се справувам.
Дали е тешко да се биде пливачки маратонец? Кои физички и психички компоненти треба да се поседуваат?
– Секако дека е тешко, како и секој спорт. Физички најважна е издржливоста, но, сепак, мора да се има брзина и добра техника на пливање, инаку издржливоста не може да дојде до израз. Кај психичките компоненти, најважни се истрајноста, решителноста и посветеноста, па дури и малку инает.
Што најчесто размислувате додека со часови пливате и како по маратонската исцрпеност најчесто го враќате организмот во нормален ритам?
– Тоа зависи од интензитетот на трката, опкружувањето или моментот каков е. Најчесто размислувам за начинот на пливање, тактиката или за резултатот, но кога темпото е порелаксирано, мислите ми шетаат и по други актуелности. За мене најдобар начин за враќање во нормала, покрај одморот, е тренингот, оти со добар одмор и добри два дена соодветен тренинг за рекуперација, обично се враќам во нормална физичка состојба. Тоа е многу битно за да може да се продолжи со силни тренинзи или ако има некоја друга трка за краток период. И тоа можеби беше една од моите предности што по голема трка можев брзо да се вратам во нормала и да имам исто така добар настап на следната трка. Затоа некако и повеќе ми одеше собирање поени од повеќе трки отколку фокусот да го имам на една.
Се обидовте годинава да го препливате Ла Манш, кој е предизвик за секој пливач. Колку жалите што не успеавте да ја остварите оваа цел и дали студената вода беше главниот „виновник“?
– Да, многу ми е жал што не успеав. Ми остана тоа како некоја неостварена цел. Студената вода беше главниот „виновник“, нешто што отсекогаш беше мој проблем, но можеби потфрлив да се подготвам за такви услови, а најмногу поради тоа што многу доцна решив да го пливам и немав време соодветно да се подготвам за студената вода.
Дали повеќе сакавте да го препливавте Ла Манш или да бевте дел од едни летни олимписки игри?
– Тешко прашање, но мислам дека повеќе би сакал да бев дел од летни олимписки игри. Тоа е некако врв за секој спорт и за секој спортист.
До кога ќе учествувате на пливачките маратони?
– Искрено, би сакал да продолжам, оти сѐ уште ме влече пливањето и жеден сум за докажување и за нови резултати. Но, сепак, реалноста е таа, дали поради години или здравствени причини, не можам да бидам на нивото на кое бев пред две-три години. Годинава се натпреварував и во Македонија и на меѓународни маратони, но резултатите, особено на поголемите трки, не се тие на кои сум навикнат, се надевам и целам. Кога сакаш да направиш нов чекор во кариерата или промена, мора прво да се помириш и да ставиш точка на моментната ситуација. Лани бев во таа фаза и ми беше многу тешко да се помирам, но сега некако сум пореален и не си поставувам цели за понатаму. Сега повеќе сум фокусиран на семејството и на професијата, стоматолог, па и плановите ги кројам околу тие две работи.

Дали ќе продолжите да се натпреварувате во триатлон (750 м пливање, 19,86 км возење велосипед и пет км трчање) и колку овој спорт ве привлекува?
– Триатлонот многу ме привлекува и за разлика од пливањето е подинамичен и поинтересен спорт. Имам добра основа оти сум пливач маратонец. Можеби би продолжил да се натпреварувам и на високо ниво, но, сепак, никогаш не би дошол до нивото на кое сум бил како пливач. Но би сакал да пробам и понатаму некоја триатлон-трка оти имам убаво искуство.
Каква е состојбата со македонското маратонско пливање и што сѐ треба да се направи за Македонија да има нови млади надежни маратонци, кои ќе ги продолжат вашите и успесите на Стефановски, Нестор, Бојаџи…?
– Моментно има многу млади пливачи, кои се талентирани, посветени, кои имаат добри резултати и поддршка од тренерите, кои сакаат да работат и целат кон високи резултати. Најважно е, секако, финансиската помош да се зголеми, и да се подобрат условите за тренинг и за натпревари. Но не помалку важно е помладите и понадежни пливачи да се задржат во спортот, да бидат мотивирани од тренерите, родителите, но и од државата. Се надевам дека Македонија ќе има силно маратонско пливање и пливачи што ќе ги продолжат и ќе ги надминат нашите успеси, зашто патот до успехот и до високите резултати не е лесен.

[email protected]