ШАХ – ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2025, ОСМО КОЛО
Една победа и три ремија забележаа четворицата македонски претставници во осмото коло од предвидените 11, на 25. поединечно Европско првенство (ЕП) во шах во Ефорие Норд (Романија). Најмногу профитира интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (2.421, рангиран 152. пред турнирот), кој освои цел поен со црни фигури против велемајсторот (ВМ) од Исланд, Вигнир Стефансон, кој има 130 рејтинг-поени повеќе (2.551, рангиран 65.). Тоа му овозможи на Панчевски да напредува за 66 места од почетното рангирање, односно да се најде на 86-то место, со пет поени.
ИМ Тони Лазов (2.400, рангиран 167.) со бели фигури го подели поенот со ВМ од Романија, Мирчеа Палиграс (2.551, рангиран 88.), моментно 142. со 4,5 поени. Ремизираа и (ИМ) Емил Ристески (2.365, рангиран 183.) со бели фигури со Кутај Сакмак (2.131, рангиран 292.) од Турција и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Роберт Велески (2.092, рангиран 309.) со бели фигури со ЖИМ од Романија, Андреја Косман (2.192, рангирана 264.). Ристески засега е 206. со четири, а Велески 294. со три поени.
По ова коло петмина шахисти имаат по 6,5 поени, предводени од ВМ од Грузија, Бадур Јобава, кој има најдобар дополнителен критериум. На ЕП 2025 играат 375 шахисти од 40 држави (100 ВМ, два ЖВМ, 75 ИМ, девет ЖИМ, 72 ФМ, осум ЖФМ). Г.И.