Богдановиќ со шампионот на Македонија, Панчевски

Треба да се работи пред сѐ на зајакнување на сите капацитети на Шаховската
федерација на Македонија, да се продолжи со воведување на шахот во училиштата, оти таму очекуваме да постигнеме најголем интерес, вели Богдановиќ

На чело на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Саша Богдановиќ дојде на 5 февруари минатата година, на изборното собрание во Скопје, со мандат да ја води Федерацијата во следните четири години. Тој дојде на местото на Александра Гакидова, која по една година на чело на ШФМ се повлече од лични причини.
– Минатата година ја почнавме со планираните шаховски натпреварувања и исполнување на планираниот распоред на активности. Почнавме со Отвореното првенство на Македонија, на кое првпат во поновата историја имаше посебно машко и женско поединечно првенство, со што ги добивме и шампионите на Македонија за 2022 година, Филип Панчевски и Моника Стојковска. Потоа се одржа подготвителен камп за репрезентативците и за репрезентативките, кои ја претставуваа Македонија на Шаховската олимпијада во Ченаи, Индија. Шаховската федерација на Македонија ги поддржа целосно или делумно Школското шаховско првенство во Цетиње, Црна Гора, каде што учествуваа 15 дечиња од Македонија, и Европското првенство за деца и младинци, на кое испративме една младинска екипа до 12 години и една младинска екипа до 18 години. Шаховската федерација на Македонија успеа да ги покрие трошоците за учеството на првенството во Мамаја, Романија, а потоа испративме десетина дечиња на Младинското првенство во Црна Гора и успеавме да го организираме Балканското екипно првенство до 18 години на Попова Шапка – вели Богдановиќ.
Околу проектот „Шах во школите“, првиот човек на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) смета дека годинава треба да бидат опфатени сите општини.

– Одлуката за прифаќање на нашата програма од Бирото за развој на образованието беше донесена при крајот на август, односно пред самиот почеток на учебната година. Но за кратко време преку Министерството за образование и ЗЕЛС успеавме да ги запознаеме сите локални самоуправи и општини и да почнеме со процесот на одржување шаховски обуки. Во изминатите неколку месеци низ обуките што ги организира Шаховската федерација на Македонија поминаа над 200 наставници, кои се подготвени да го предаваат Шахот како изборен предмет во школите. Притоа, Шаховската федерација на Македонија разработи онлајн алатки и програми за полесно да им се помогне и на самите наставници, но и на дечињата што одат на изучување на овој изборен предмет. За годинава планираме да ги опфатиме сите општини и веќе ги имаме договорено следните чекори – рече Богдановиќ.
Познати се и целите на ШФМ за годинава.
– Целите на Шаховската федерација на Македонија се конечно да го добиеме нашиот шаховски дом во Скопје, кој ќе биде место за административна работа и состаноци, но и простор каде што и младите и возрасните ќе доаѓаат да вежбаат и да играат шах, потоа да ги задржиме редовните шаховски натпревари, турнири и првенства и, доколку можеме, неколку да прошириме. Сѐ зависи од поддршката што ја добиваме и од реализираните планирани приходи, кои по разни основи сакаме да ги добиеме. Понатаму, треба да се работи пред сѐ на зајакнување на сите капацитети на Шаховската федерација на Македонија, да се продолжи со воведување на шахот во училиштата, оти таму очекуваме да постигнеме најголем интерес. Планираме да ги користиме сите расположливи средства за да го промовираме шахот, а најмногу преку турнири, кампови, првенства… Отворивме многу фронтови и максимално ќе им се посветиме на сите – изјави Богдановиќ. Г.И.


Балканската федерацијае нов облик на здружување

Формирањето на Балканска шаховска федерација е за поздравување. Добро е што со неа добивме уште еден нов облик на шаховско здружување, каде што ќе настојуваме да имаме што повеќе натпревари со шахисти од Балканот. Се надевам дека годинава ќе имаме повеќе организирани турнири и настани во рамките на оваа Федерација, вели претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Саша Богдановиќ.