На овој дел од Македонија му недостигаше ваков скијачки центар, кој ќе биде во интерес на сите во Република Македонија, рече, меѓу другото, за македонските медиуми градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев
И официјално, како и што се најавуваше претходно, на 1 јануари почна со работа новиот скијачки центар „Михајлово“, кој се наоѓа на планината Кожув, оддалечен околу 35 км од Кавадарци. Отворањето на овој скијачки центар и патеката „Македонија“ привлекоа поголем број љубители на скијањето. Ски-центарот „Михаjлово“ располага со скијачка патека, ски-лифт и сите неопходни елементи за скијачки центар. Скијачкиот центар е со должина од 370 метри и има капацитет од 600 лица на еден час, снежни топови, заштитна мрежа, а има и потенцијал за туристички развој преку отворање хотели, ресторани и индивидуални сместувачки капацитети.
– Проектот е развиен во соработка со Владата на Република Македонија и во соработка со можностите на самата општина. Во план е во следните четири-пет години да се подобри и инфраструктурата на оваа локација, но и да се изградат уште две патеки, кои се проектирани со по два километра на 1.800 височина, а да се спуштат на 1.300 метри височина. На овој дел од Македонија му недостигаше ваква патека, ваков ски-центар, кој ќе биде во интерес на сите жители на Република Македонија – рече, меѓу другото, градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев.
На чинот на отворањето на ски-центарот присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски.
– Ова е исклучително голема можност за кавадарчани, но не само за кавадарчани, туку од сите краеви на државата да дојдат да уживаат во овие прекрасни природни убавини и да се рекреираат. Би сакал ова да биде само еден почеток за понатаму уште повеќе да се развиваат самото место и самиот регион, затоа што и самата планина и сето ова што е околу оваа ски-патека, претставува природна реткост – рече, меѓу другото, Мицкоски.
Новата скијачка патека ќе биде уште една во Македонија, по Маврово, Попова Шапка, Пониква, Пелистер, Крушево и Ниже Поле. Ски-центарот, кој се наоѓа во шума, уште првиот ден беше посетен од многу скијачи и рекреативци.
Г.И.