Почетокот на трката е денеска во 9 часот од Свети Наум, целта е во Охрид, а ќе се плива по патеката „Климе Савин“, долга 25 км. Годинашниот Охридски маратон одбележува и 60 години од првото издание во 1962 година
ПЛИВАЊЕ
На годинашниот 35-ти Охридски маратон, кој годинава одбележува и 60 години од првото издание во 1962 година, треба да настапат осум пливачи од пет земји (Македонија, Италија, Аргентина, Словенија и Косово), а Македонија ќе ја претставуваат Александар Илиевски и Евгениј Поп Ацев. Почетокот на трката е денеска во 9 часот од Свети Наум, целта е во Охрид, а ќе се плива по патеката „Климе Савин“, долга 25 км.
Наградниот фонд изнесува 10.000 долари, а го обезбеди Агенцијата за млади и за спорт. Трошоците околу организацијата на манифестацијата, која годинава се соочи со многубројни проблеми и беше пред откажување, ги покрива Општина Охрид, со поддршка од повеќе спонзори и помагатели.
На пригодната свеченост синоќа им беа доделени благодарници на маратонците што дале голем придонес во афирмирањето на Охридскиот маратон и на пливањето како спорт. Благодарници им беа врачени на Дики Бојаџи, Ристо Савин, Насте Јончески и постхумно на Климе Савин, Александар Леко Радич, Славе Филев, Атина Бојаџи и на Нико Нестор. Л.Д.