Знаеме што нѐ очекува, играат дома, очекувам полна сала, публика што ќе ги бодри. Според квалитетот сме израмнети, но без Русите работите драстично се менуваат. Одбраната ќе биде битна, ќе се обидеме што помалку да грешиме, добро да ги примаме сервисите, контрите се многу битни, вели тренерот Ричлиев. За струмичани ова ќе биде втор настап во ЛШ, по првиот пред речиси 30 години. Доколку Струмица го победи Динамо, во следната рунда ќе игра со Бенфика, а во случај на елиминација од ЛШ, европските натпревари ќе ги продолжи во Купот на ЦЕВ, со Мурса Осиек

ОДБОЈКА – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Одбојкарите на македонскиот шампион, Струмица Никоб, утревечер (19.30 часот) во првиот меч во прелиминарната рунда во Лигата на шампионите (ЛШ) гостува во Холандија, кај Динамо Апелдорн. Реваншот е по една недела во Скопје, во салата „Јане Сандански“, поради тоа што салата „Парк“ во Струмица не ги задоволува критериумите на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) за играње натпревари во ЛШ.
За струмичани ова ќе биде втор настап во ЛШ, по првиот пред речиси 30 години, во 1993-та. Доколку Струмица го победи Динамо, во следната рунда ќе игра со португалска Бенфика. Во случај на елиминација од ЛШ, Струмица европските натпревари ќе ги продолжи во Купот на ЦЕВ, против хрватскиот тим Мурса од Осиек.
Неочекувано, Струмица се соочува со големи персонални проблеми и ќе биде ослабена на првиот меч, бидејќи непосредно пред заминувањето, визи не добија засилувањата, тројцата одбојкари од Русија.
– Нивното неиграње ќе биде голем хендикеп. Повеќе од еден месец заеднички тренинзи, уигрување, паѓаат во вода, бидејќи станува збор за половина тим и за играчи на клучните позиции, коректор, блокер и примач на сервис. Сега сѐ се менува од корен, ќе мораме да бараме алтернативни решенија, да импровизираме, да одиграме што е можно подобро и да се обидеме да извлечеме што поповолен резултат на гостувањето – изјави Кире Ричлиев, тренерот на Струмица Никоб.
Што се однесува до Динамо, Ричлиев вели дека е анализирана нивната игра од неколкуте видеоснимки, но и оти тоа не е најбитно, бидејќи секој меч е различен.
– Знаеме што нѐ очекува, играат дома, очекувам полна сала, публика што ќе ги бодри. Според квалитетот сме израмнети, но без Русите работите драстично се менуваат. Одбраната ќе биде битна, ќе се обидеме што помалку да грешиме, добро да ги примаме сервисите, контрите се многу битни – вели Ричлиев.
Целата ситуација во која се најде првакот на Македонија ја усложнува и тоа што реванш-мечот, наместо дома, во Струмица, во салата „Парк“, ќе мора да го игра во салата „Јане Сандански“ во Скопје.
– Тоа за нас ќе биде како играње на гости, во сала што не ни е позната, во сосема поинаков амбиент. Да не говорам за скапата наемнина. Мислам дека Струмица како одбојкарски град и со клуб што неодамна прослави 75 години од формирањето, заслужува пристојна сала. Но за тоа, потоа, треба прво да го одиграме првиот меч на гости, да се обидеме да забележиме што е можно подобар резултат, па ќе правиме нова стратегија – рече Ричлиев. Л.Д.