ЏУДО – ЗАДУТРЕ ПОЧНУВА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ ВО СКОПЈЕ
Со нетрпение ја очекувам можноста да бидам дел од ова престижно натпреварување, да се надминам себеси и да го понесам македонското знаме на европските татами со достоинство и почит, вели џудистот Марко Панчевски
Уште два дена остануваат до почетокот на големиот спортски настан, Европско првенство (ЕП) за кадети и за кадетки во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, кое ќе трае до недела. Ова ЕП ќе биде настан од највисок ранг што досега воопшто се одржал во џудо-спортот кај нас. Ќе има вкупно 16 тежински категории (по осум во машка и во женска категорија), а борбите ќе се одвиваат поединечно и екипно. На ЕП 2025 ќе биде присутна целата европска и светска џудо-елита, на чело со претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Ласло Тот. Скопје ќе биде домаќин на 40 репрезентации од вкупно 51 земја членка на ЕЏУ.
Селектор на македонската репрезентација е Игро Паскоски, тренер Александар Фузевски, кој му помага во активностите. За целосна координација и помош е Дејан Мицкоски како спортски директор и стручно лице. Оптимизмот кај македонските џудисти е на високо ниво и сите веруваат дека ќе се претстават себеси и Македонија во најдобро издание, а присутната публика ќе може да ужива во прикажаните борби.
– Тренирам со голема посветеност и љубов кон џудото. Учествувам на многубројни натпревари и се стремам постојано да напредувам. ЕП за мене е голем предизвик и чест и ќе дадам сѐ од себе за да ја претставам Македонија достоинствено – вели Анамарија Стојмиловска (категорија до 48 кг), која има син појас 2 кју, членка е на ЏК Дрим од Струга, освојувачка е на многу медали на меѓународни и државни турнири, државна првенка за кадетки, јуниорки и за сениорки.
Драгица Рафтовска (до 70 кг, син појас 2 кју, членка на ЏК Дрим) е актуелна државна првенка и освојувачка на медали од меѓународни првенства и турнири. Амар Бајрамоски (до 55 кг, син појас 2 кју, член на ЏК Дрим) е актуелен кадетски државен првак, учесник и освојувач на медали од меѓународни првенства и турнири.
– Годинава првпат сум кадет, очекувам добар настап и достојно да ја претставам нашата држава – рече Бајрамоски.
Ангел Радевски (до 50 кг, син појас 1 кју, член на ЏК Преспа од Ресен) е актуелен државен првак во оваа категорија.
– Чест и голема одговорност е да ја претставувам Македонија и ЏФМ на ЕП. Како актуелен првак за кадети и освојувач на медали од меѓународни турнири, подготвен сум да дадам сѐ од себе на татамито. Моја најголема мотивација е да го носам со гордост нашето знаме, да покажам дисциплина, сила и спортски дух, со нов успех за мојата држава – рече Радевски.
Кристина Гошевска (над 70 кг, портокалово-зелен појас, членка на ЏК Преспа) е државна шампионка за кадети.
– Очекувам добар настап, со малку спортска среќа и добар пласман на ЕП – изјави Гошевска.
Тамара Илиоска (до 52 кг, членка на ЏК Сеишин од Прилеп) е државна првенка во кадетска конкуренција
– На ова ЕП сакам добро да ја претставам мојата држава и се надевам дека ќе стекнам многу искуство – рече Тамара Илиоска.
Теодора Илиоска (до 57 кг, членка на ЏК Сеишин) е државна шампионка.
– Очекувам добар настап и достојно да ја претставам мојата држава и да стекнам големо искуство – рече Теодора Илиоска.
Марко Панчевски (до 66 кг, син појас, член на ЏК Миоки) е актуелен вицешампион, досега учествувал и освојувал медали на голем број меѓународни и национални натпревари и турнири.
– Ми претставува огромна чест и задоволство да настапам како претставник на мојата земја на претстојното ЕП. За мене џудото не е само спорт, тоа е начин на живот што ме научи на дисциплина, упорност и почит. Преку годините напорни тренинзи, натпревари и личен развој, се надевам дека ги имам достигнато физичките и менталните капацитети потребни за овој предизвик. Секој пораз бил лекција, секоја победа мотивација да продолжам понатаму. Ова првенство го гледам како можност не само да ги тестирам моите граници туку и да покажам дека македонските спортисти имаат талент, дух и потенцијал да се натпреваруваат на највисоко европско ниво.
Мојата цел е да ја претставам Македонија со гордост, да покажам дека македонскиот спорт може да биде пример за храброст и посветеност и да докажам дека со труд се постигнуваат најголемите успеси. Верувам дека ова искуство ќе биде значаен чекор во мојот развој како спортист и амбасадор на нашата земја. Со нетрпение ја очекувам можноста да бидам дел од ова престижно натпреварување, да се надминам себеси и да го понесам македонското знаме на европските татами со достоинство и почит – изјави Панчевски.
Ханија Друштинац (до 57 кг, син појас, членка на ЏК Миоки) е активна натпреварувачка во кадетска конкуренција, редовна учесничка на државни и на меѓународни турнири.
– Очекувам успешно претставување на ЕП и достојна презентација на нашата држава – рече Ханија Друштинац.
Хамида Друштинац (до 44 кг, син појас) е членка на ЏК Миоки.
– Активна репрезентативка сум веќе неколку години, носителка на сребро на Балканијадата во 2023 година. Очекувам настап на достојно ниво на ЕП – изјави Хамида Друштинац.
Марко Човлачки (над 90 кг, портокалов појас) е член на ЏК Радишани.
– Верувам дека можам и дека ќе успеам да ја претставам својата репрезентација пристојно и со успех, како освојувач на медал и учесник на повеќе првенства и турнири – рече Човлачки.
Oмер Елези (до 66 кг, син појас, 2 кју, член на ЏК Работнички од Скопје) е актуелен државен првак во оваа категорија, победник на државни и на меѓународни турнири.
– Со многу труд и посветеност стигнав до ова ниво. Ќе се борам со срце, а целта ми е да покажам дека македонските џудисти се подготвени за европската сцена – изјави Елези.
Никола Стојковски (до 50 кг, кафеав појас 1 кју, член на ЏК Пелистер од Битола) е вицепрвак на Македонија, учесник и освојувач на голем број медали од државни и меѓународни турнири.
– Мотивиран сум за силен настап на ова ЕП за кадети и посветен да ја претставам мојата држава на највисоко ниво – рече Стојковски.
Антонио Стојчески (до 73 кг, член на Ипон од Скопје) е државен првак за кадети во оваа категорија.
– Пред нашата публика на ова ЕП во Скопје ќе дадам сѐ од себе за да ја претставам Македонија во најдобро светло – изјави Стојчески.
Дариа Јованова (до 52 кг, син појас, членка на ЏК Кожувчанка од Кавадарци) е учесничка и освојувачка на меѓународни турнири.
– Очекувам добри борби и претставување на македонската кадетска репрезентација со надеж за добар пласман на ЕП во Скопје – рече Јованова.
Никола Петров е член на ЏК Кожувчанка.
– Ќе настапа на ЕП во џудо во Скопје, Македонија, а вие дојдете да навивате за мене и за нашата репрезентација – изјави Петров. Г.И.