ПОИ Париз 2024
Единствената македонска претставничка на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз, Оливера Наковска- Бикова, ги одржа првите тренинзи на олимпиското стрелиште во Шатеру.
– Првпат трениравме на олимпиското стрелиште. Стрелиштето ни е познато, се враќаме во Шатеру по две години, а речиси нема никаква измена. Олимпиското село е мало, со само неколку содржини, сместувањето личи на војнички интернат. Барем да ни се погоди времето, оти во Шатеру знае да дува силен студен ветер и да врне. Засега сѐ оди според планираното, стартуваме со тренинзи од 9 до 14.30 часот дневно. Сѐ е поинаку и многу посиромашно од она што во својата содржина го нуди Олимпиското село во Париз, но што е, тука е – изјави за Македонскиот параолимписки комитет селекторот на парастрелачката репрезентација на Македонија, Бранимир Јовановски, кој е и тренер на Наковска-Бикова.
Наковска-Бикова, која е носителка на златен медал од ПОИ во Лондон 2012 година, во Париз ќе се натпреварува на 31 август, со воздушен пиштол од 10 метри, на 2 септември со спорт пиштол од 25 метри и на 4 септември со пиштол слободен избор од 50 метри. Г.И.