На маратонот на 10 или на 11 септември се очекува да настапат дваесетина пливачи од Македонија и од странство

ПЛИВАЊЕ

Општина Охрид и Агенцијата за млади и спорт (АМС) на Македонија ќе го организираат традиционалниот Охридски маратон, кој ќе се одржи на 10 или на 11 септември, беше соопштено на вчерашната прес-конференција, на која присуствуваа градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, и директорот на (АМС), Наумче Мојсовски.
На маратонот на кој се очекува да настапат дваесетина пливачи од Македонија и од странство, наградниот фонд ќе изнесува 10.000 евра и ќе треба да го обезбеди АМС, а другите трошоци поврзани со организацијата ќе ги покрие градот Охрид.
– Презадоволен сум што ќе се одржи маратонот и што покрај многуте проблеми најдовме начин како да го организираме. За градот Охрид, маратонот е многу повеќе од спортска манифестација. Добра околност, и покрај сѐ, е што многу успешни бизнисмени охриѓани, па и луѓе надвор од Охрид се јавија и се понудија финансиски да помогнат. Охридскиот маратон има светла иднина, од наредната година ние ќе ги преземеме работите во свои раце, ќе ја зачуваме традицијата и ќе му го вратиме стариот сјај – истакна Пецаков.
Директорот на АМС, Мојсовски, рече дека АМС заедно со Владата ќе застане зад Охридскиот маратон и од следната година ќе ја преземе организацијата.
– Проблемите не се од сега, туку од поодамна, и исклучиво на Пливачката федерација, која треба да биде носител на организацијата на манифестација како што е Охридскиот маратон. Се надевам дека традицијата нема да згасне, бидејќи Охрид го заслужува маратонот. Веќе е побарана одговорност од Пливачката федерација, чија сметка е блокирана од 2012 година, а долгот од 45.000 евра со камати е стигнат до 70-80 000 евра. Одговорност ќе се побара од сите, влезена е финансиска полиција, се бара одговорност и од претходниот претседател Александар Маленко – истакна Мојсовски. Л.Д.