АКЦЕНТ
Убаво беше да се биде Македонец изминатава недела и да се слуша навивачкото ехо „Македонија, Македонија“, кое струеше од илјадници грла во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје на Европското првенство во одбојка за мажи. Пријатно беше да се гледаат мноштвото развеселени лица на македонските навивачи полни со насмевки и емоции, кои со развиорени знамиња и гласни грла, чии тонови доаѓаа длабоко од срцето, го бодреа македонскиот одбојкарски „брод“ со нашите нови спортски херои низ тешките искушенија на теренот. Прекрасно беше да се види како се слави секој освоен поен, како еуфорично се поддржуваат своите миленици од највозрасните, па до најмладите. Тој толку посакуван патриотизам, кој и тоа како ни недостига во овие политички премрежиња, како лава од вулкан се „излеваше“ во салата и се ширеше забрзано на сите страни. Тие што беа сведоци во салата, а и покрај малите екрани, како никогаш досега емотивно поврзани со своите нови спортски херои, кои ги направија горди Македонци, уште еднаш покажаа како треба да се сака и да се навива за својата држава Македонија. Гласното пеење на националната химна, тој толку значен белег на една државност, беше заеднички елемент и на македонските играчи и на публиката.
Громогласно и од срце испеана пред секој натпревар, а најдобриот македонски одбојкар Никола Ѓоргиев, како вистински капитен, дури и сам го зеде микрофонот по победата над Црна Гора и ги повика публиката и „хорот“ од своите соиграчи уште еднаш заедно да ја отпеат „Денес над Македонија“. Малкупати досега една иста химна двапати била испеана на некој спортски натпревар во кој било спорт на еден натпревар. Тоа што најмногу ни недостига, сега кога во игра се разни политички игри и сценарија за иднината на Македонија и за нејзиниот народ, френетичната публика со песна и со скандирање во еден потег како на шаховска табла демонстрира како треба да се одигра најдобро, како треба да се навива и да се сака својата татковина, а одбојкарите токму на крилјата на своите бучни навивачи успеаја да го постигнат историскиот успех, пласман меѓу најдобрите 16.
Патриотизмот кон својата држава треба да биде на прво место и преку спортот, а македонските одбојкари со своето залагање на теренот и публиката на трибините, на најдобар можен начин го демонстрираа тоа. Ќе завршам со зборовите на Никола Ѓоргиев искажани по второто заедничко интонирање и пеење на химната: „Да живее Македонија“. Г.И.