Фото: Фејсбук/ОФМ

Одбојкарската репрезентација на Македонија загуби од Хрватска со 2-3 (25-20, 17-25, 23-25, 25-15 и 13-15 по сетови) во возбудливиот меч од Златната лига одигран вечерва во Задар.

Македонските одбојкари имаа водство од 12-10 во решавачкиот петти сет, но не успеаја да стигнат до триумф.

Никола Ѓорѓиев со 22 поени беше најефикасен кај Македонија, додека на спротивната страна ист поентерски учинок имаше Петар Дрилиќ.

„Црвено-жолтите“ имаат две победи и три порази, како и Белгија која е второпласирана во групата Б. Македонија в недела, во последниот меч од групата, ја пречекува водечката Украина која има максимални пет победи во исто толку одиграни натпревари.

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија претходно загуби на гостувањето кај Летонија со 0-3 (19-25, 17-25 и 29-31 по сетови) со што го претрпе петтиот пораз во дебитантскиот настап во Европската сребрена лига.

Македонија пропушти три сет топки за освојување на третиот сет, што противникот го доби на разлика по голема борба. „Црвено-жолтите“ на тој начин останаа без освоен сет во досегашниот тек од натпреварувањето.

Тамара Стојанова со 11 поени беше најефикасна во македонскиот состав, на мечот одигран во Рига.

Одбојкарките ќе се обидат да го освојат првиот сет во натпреварувањето, против Австрија в сабота, во последниот меч од групната фаза.