Не паметам младински првенства со вкупно 153 учесници во претходните 40 години. Од борбеноста, залагањето и ферплејот сум задоволен, но во иднина мора да работиме на квалитетот и на зголемување на шаховското знаење во сите возрасни категории. Масовноста се должи пред сѐ на проектот „Шах во основните училишта“ и на активноста на ШФМ за отворање што поголем број шаховски клубови низ цела Македонија, понатаму реактивирање на старите и отворање нови клубови, враќање на старите подзаборавени шахисти и реализирање на сите шаховски настани од календарот на ШФМ. Претседателот на ШФМ, Саша Богдановиќ, има голем придонес во сите овие активности. Очекувам зборот најмасовни да се употребува и во следните неколку години, вели Данчевски

ИНТЕРВЈУ: ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН МАЈСТОР ОРЦЕ ДАНЧЕВСКИ, ШАХОВСКИ ТРЕНЕР

Интернационалниот мајстор (ИМ) Орце Данчевски во шаховските тренерски води е од 2005 година, кога го формира клубот Гамбит, каде што и денес е еден од тренерите. Како шаховски тренер на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), од 2013 година работи како наставник по шах, тренер е и на ШК Ексјо од Шведска, каде што држи онлајн настава со нивните најдобри младинци, но е и член на истиот клуб, кој игра во тамошната Прва лига и го посетува трипати во годината. Данчевски е и селектор на младинските репрезентации на Македонија и еден од главните иницијатори и обучувач на наставниците во проектот „Шах во основните училишта“. Најмасовните младински првенства на Македонија по возрасни категории досега, кои неодамна завршија во Струга, беа повод за разговор со Данчевски, кој е ИМ од 1998 година.
Колку сте задоволен од прикажаната игра, борбеноста и квалитетот на партиите видени на годинашните младински првенства на Македонија во машка и во женска конкуренција?
– Првенствата на Македонија во конкуренциите од осум до 18 години беа со најголем број учесници откако сум јас во шахот. Не паметам младински првенства со вкупно 153 учесници во претходните 40 години. Од борбеноста, залагањето и ферплејот сум задоволен, но во иднина мора да работиме на квалитетот и на зголемување на шаховското знаење во сите возрасни категории.
На што се должи оваа масовност?
– Пред сѐ на проектот „Шах во основните училишта“ и на активноста на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) за отворање што поголем број шаховски клубови низ цела Македонија, понатаму реактивирање на старите и отворање на нови клубови, враќање на старите подзаборавени шахисти и реализирање на сите шаховски настани од календарот на ШФМ. Претседателот на ШФМ, Саша Богдановиќ, има голем придонес во сите овие активности.
Што треба да се направи понатаму за оваа масовност да биде уште поголема в година?
– Треба само да продолжиме со проектот „Шах во основните училишта“, а ШФМ да биде и понатаму стабилна и посветена кон одржување на сите турнири што се во нејзиниот календар. Очекувам зборот најмасовни да се употребува и во следните неколку години токму заради споменатиот проект „Шах во основните училишта“, но за тој да заживее во вистинска смисла на зборот, треба што поголем број активни шахисти да се вклучат во него. Од септември сите да се упатиме кон училиштата да им помогнеме на наставниците да почнат и кога тој проект ќе заживее, очекувам по три години на првенствата да имаме 600 учесници.
Проектот „Шах во основните училиштата“ почнува од есен. Дали сте оптимист за неговиот успех?
– Да, а шаховските клубови и школи треба да бидат подготвени да ги прифатат сите талентирани млади шахисти кои ќе произлезат од училиштата.


Гамбит Асеко СЕЕ освои најмногу први места

На младинските шаховски првенства на Македонија годинава настапија вкупно 17 клуба, и тоа Алкалоид (45 учесници), Гамбит Асеко СЕЕ (29), Ласкер (20), Струга (13), Цареви кули (13), Капабланка (шест), Центар (пет), Штајниц (четири), Саса (четири), Стево Патако (три), Прилеп (три), Дамин гамбит (два), Шах-шех (два), 7. Ноември (еден), Куманово (еден), Гази Баба (еден) и Бафет (еден).
Вкупно пет клуба освоија златни медали, а најмногу, пет, Гамбит Асеко СЕЕ. Следуваат Алкалоид со три први места, Цареви кули со две, а Центар и Капабланка со по едно шампионско место.


Шампиони на Македонија за 2023 година

МОМЧИЊА
КАТ. ШАХИСТ
до 8 год. Селим Ахмет Абдурахман (Гамбит Асеко СЕЕ)
до 10 год. Мартин Гоцев (Цареви кули)
до 12 год. Даниел Стефаноски (Капабланка)
до 14 год. Кирил Николовски (Алкалоид)
до 16 год. Антон Златков (Гамбит Асеко СЕЕ)
до 18 год. Леонид Петрески (Центар)

ДЕВОЈЧИЊА
КАТ. ШАХИСТКА
до 8 год. Ина Крумова (Цареви кули)
до 10 год. Илијана Велева (Алкалоид)
до 12 год. Елисавета Брнс (Гамбит Асеко СЕЕ)
до 14 год. Ивана Велкоска (Алкалоид)
до 16 год. Моника Жежовска (Гамбит Асеко СЕЕ)
до 18 год. Инџи Ајрадиноска (Гамбит Асеко СЕЕ)

[email protected]