Сега имаме некоја база, масовност, но ќе треба да се направи и квалитет. А со стабилизација на македонските одбојкарски клубови и поголем ангажман во европските купови, полека се гради клупската и репрезентативна македонска одбојка, вели Карановиќ
ЗОРАН КАРАНОВИЌ, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ОДБОЈКАРСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА
Македонија долго ќе ја памети 2023 година на спортски план, откако Скопје беше домаќин на една од групите на Европското првенство (ЕП) во одбојка за сениори, заедно со Италија, Бугарија и со Израел како кодомаќини. Во групата Ц во Скопје, македонските одбојкари предводени од селекторот Јошко Миленкоски играа во СЦ „Борис Трајковски“ со светската одбојкарска велесила Полска, потоа со Холандија, Чешка, Данска и со Црна Гора, а освоеното четврто место во групата им овозможи да се пласираат во осминафиналето и го освоија 16-то место од 24 селекции, што е и најголем успех во историјата на македонската репрезентативна одбојка во нејзиното трето учество на континенталните шампионати. Во 2019 година, црвено-жолтите беа 17-ти, а во 2021 година 23-ти. Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) ги доби наградите за најуспешна спортска федерација и за најуспешен машки национален тим за 2023 година во изборот на Агенцијата за млади и за спорт. За тоа колкава трага остави ЕП 2023 врз македонската одбојка, за идните планови на ОФМ, желбите во новата натпреварувачка година на спортски план…, разговаравме со генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ.
Какво влијание има ЕП 2023 врз иднината на македонската одбојка?
– Изминатава година, дефинитивно ќе ја паметам по успешната организација на Европското првенство во Скопје, како голем настан за ОФМ и за македонскиот спорт воопшто. Од независноста на Македонија ова е прв таков настан во сениорска конкуренција и ќе помине време додека некоја друга наша спортска федерација не добие такво нешто. Но ние не застануваме тука, продолжуваме со активностите и понатаму. Бенефиции од завршеното ЕП во Скопје дефинитивно ќе имаат младите категории, особено женските. Сите видоа што значи добро организиран спортски настан и како изгледа. Покрај нив, помала бројка ќе се појави и кај момчињата. Она што лично не ме радува е фактот колку нѐ испочитува бизнис-секторот во целата таа спортска приказна наречена ЕП.
Кои се плановите на ОФМ за годинава?
– Секако дека имаме планови за 2024 година, а почнуваме веднаш по празниците. Од 18 до 20 јануари имаме прва фаза на квалификации за ЕП за мажи до 18 години, во Струмица. Од 17 до 21 јануари се и квалификациите за ЕП за жени до 18 години, во Софија. Во мај машката сениорска репрезентација го има второто учество на Златната европска лига, каде што еден од трите турнири ќе се одржи во Македонија, а во август ќе имаме квалификации за ЕП 2026, каде што ќе играат и сениорите и сениорките. Во јули ќе настапиме на Балканското првенство до 22 години, а на 2 февруари во Софија ќе имаме состанок, на кој ќе видиме дали само ќе учествуваме или ќе бидеме и организатори на уште некоја Балканијада. Очекувам на овие првенства што ни претстојат да се појават нови таленти, оти ние дефинитивно ќе ја подмладиме репрезентацијата, односно тргнуваме со нови сили од почеток. Годинава ќе биде пресвртница во смисла да направиме една добра селекција и кај девојките, и особено кај машките, а ќе бидат исполнети со активности цел зимски распуст и цело лето. Останува уште прашањето како сето тоа ќе го споиме и буџетски, но јас сум оптимист и мислам дека ќе успееме.
Очекувања од другите македонски спортисти и селекции?
– Ракометарите први настапуваат и им посакувам многу успех и среќа на ЕП во Германија. За мене е битно да се промовира нашата држава. Така беше и со ЕП во одбојка, каде што бевме етаблирани во рамките на ЦЕВ, но со каков респект и пиетет зборуваа за неа, се виде токму кога се отиде во Италија. Е, тоа е она што ни недостига, но и нѐ мотивира да работиме понатаму. Затоа им посакувам успех на сите македонски спортисти од индивидуалните до колективните спортови, бидејќи колку повеќе сме присутни на европската сцена, толку подобро ќе биде за нас.
Оваа година е и олимписка. Може ли македонската одбојка некогаш да биде дел од Летни олимписки игри (ЛОИ)?
– Од ЛОИ до ЛОИ се менуваат спортовите, се појавуваат нови, а тука е можеби и шансата за македонскиот поединечен спорт. За колективните спортови ќе мора да причекаме, особено за одбојката, оти системот за квалификации е претежок, покомплициран. Сега, сепак, имаме некоја база, масовност, но ќе треба да се направи и квалитет. А со стабилизација на македонските одбојкарски клубови и поголем ангажман во европските купови, полека се гради клупската и репрезентативна македонска одбојка.