Нуров ќе се подготвува за ЕП, кое од 28 март до 3 април годинава треба да се одржи во Будимпешта, со борачи од Полска, Романија, Унгарија…, а ќе биде придружуван од неговиот тренер Ибрагимов, освојувачот на бронзен медал за Македонија на ЛОИ 2000
БОРЕЊЕ, СЛОБОДЕН СТИЛ
Македонскиот борач во слободен стил, репрезентативец и олимпиец Магомедгаџи Нуров, наскоро ќе замине на подготовки во Будимпешта (Унгарија), каде што во истиот град од 28 март до 3 април годинава ќе се одржи и Европското првенство (ЕП).
Нуров, кој има бронзен медал од Светското првенство во Казахстан во 2019 година, е во добра форма пред Европското првенство, а тоа го покажа и на неодамнешното Отворено првенство на Полска, каде што го освои првото место (категорија до 97 кг). На турнирот во градот Милиц, тој ги победи Полјакот Михал Биелавски (6-0), Литванецот Лукас Красаускас (10-0) и во финалето Полјакот Збигњев Барановски (5-2).
Нуров ќе се подготвува во Будимпешта со борачи од Полска, Романија, Унгарија…, а ќе биде придружуван од неговиот тренер Могамед Ибрагимов, освојувачот на бронзен медал за Македонија на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Сиднеј, во 2000 година. И овој пат, покрај поставената цел да се освои медал на Европското првенство, главна цел на Нуров ќе биде пласман на Летните олимписки игри во 2024 година во Париз.