Големата награда на Мајами ја проследија над 240.000 луѓе, а се возеше на новата патека околу стадионот „Хард рок“ на НФЛ-тимот Мајами. Тоа беше втора последователна победа за Ферстапен (трета сезонава), со што ја продолжи серијата или да победува или да не ја завршува трката. Леклерк беше втор и остана водечки сезонава, сега со 19 поени предност пред Ферстапен
ФОРМУЛА 1 – ТРКА ВО МАЈАМИ
Макс Ферстапен го издржа доцниот напад на Шарл Леклерк и победи на инаугуративната трка за големата награда (ГН) на Мајами, САД, во Формула 1. Трет беше Карлос Сајнс. Тоа беше втора последователна победа за Ферстапен (вкупно трета сезонава), со што ја продолжи серијата или да победува или да не ја завршува трката.
Актуелниот светски првак ја намали разликата зад водечкиот Леклерк на 19 поени (104-85). Ферстапен го имаше и најбрзиот круг на патеката и тоа е вторпат сезонава да победи и да има најбрз круг во соодветната трка (претходно сезонава во Имола, лани имаше три такви трки итн). Возачот што ќе го има најбрзиот круг добива дополнителен поен.
Трката се возеше на новата патека изградена околу стадионот „Хард рок“ на НФЛ-тимот Мајами, оддалечена околу шест километри од Атлантски Океан. Минатиот викенд трката ја проследија над 240.000 луѓе, по што организаторите веќе најавија дека планираат проширување на капацитетите за следната година. Не изостанаа славните спортски личности околу патеката, како легендите во НБА (кошарка) и во НФЛ (американски фудбал), Мајкл Џордан, односно Том Брејди, тенисерките, сестрите Серена и Венус Вилијамс, некогашниот фудбалер Дејвид Бекам и други.
Шестата трка во рамките на годинашното Светско првенство во Ф1 треба да се вози во Барселона, на 22 мај.