По освоеното злато во поединечна конкуренција во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри на Оливера Наковска-Бикова, македонскиот тим-микс, Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов, освои бронзен медал
СТРЕЛАШТВО
Македонската репрезентација, предводена од селекторот и тренер Бранимир Јовановски, со два медала се враќа од Европското парапрвенство (ЕП) во стрелаштво, во норвешкиот град Хамар.
По златниот медал на параолимпијката Оливера Наковска-Бикова, во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри поединечно, вчера беше освоен уште еден медал, бронзен, но во дисциплината тим-микс воздушен пиштол од 10 метри (по еден натпреварувач и натпреварувачка од иста држава, на кои им се собираат резултатите).
Бронза за Македонија освоија Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов. Тие во конкуренција на четири репрезентации, во квалификациите беа на третото место, па во борбата за бронзениот медал на ЕП ја совладаа Норвешка со 365-344 круга. Во финалето вчера за златото се бореа првата и втората селекција на Турција.
Претходно, во првата и во втората квалификациска сесија во таа дисциплина, Наковска-Бикова имаше најдобар поединечен резултат од сите осум натпреварувачи, со 282 и 189 погодени круга, Каранфилов имаше 271 и 176 круга, додека Македонија беше втора со 553 погодени круга, а прва беше Турција 2 (557). Во втората квалификациска сесија, Турција 1 беше најдобра со 370, пред Турција 2 со 369, Македонија со 365 и Норвешка со 344.