- Олимпискиот арсенал на земјата годинава го предводи Јоханес Хоесфлот Клаебо, нордиски скијач и машина за златни медали. Многумина
веруваат дека извонредната златна трка на Клаебо е производ на систем на кој малкумина му се рамни во зимските спортови, пишува АП
Надвор од олимпискиот стадион за нордиско скијање во планините Доломити, норвешките знамиња се веат над оградите како тунел на национален празник. Навивачите од скандинавската земја поставија камп во близина и водат евиденција за медалите освоени од нивните спортисти на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо. По секоја победа, на таблата се залепува златна налепница, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Имаше многу за лепење, откако Норвешка ја предводи табелата со медали со вкупно 41, од тоа 18 златни, 12 сребрени и 11 бронзени. Еден ден откако Јоханес Дејл-Скјевдал победи на трката од 15 километри со масовен старт и постави нов рекорд, Норвешка се врати во саботата, освојувајќи го подиумот на трката од 50 километри со масовен старт за мажи и зголемувајќи го рекордот за зимски олимписки игри со својот 18-ти златен медал.
Норвешка има вкупно 41 медал (до вчера претпладне), што е, исто така, рекорд на зимски олимписки игри, пишува АП. Јоханес Хоесфлот Клаебо, 29-годишен нордиски скијач, победи во трката од 50 километри и сега има шест златни медали на Зимските олимписки игри во Италија, со што го зголеми својот број на олимписки титули во кариерата на 11, на само три учества на зимски Игри.
Доминацијата го отвори познато прашање: Што ја прави Норвешка, земја со 5,6 милиони луѓе, таква суперсила на снегот на најголемиот зимски спортски настан во светот? Многумина веруваат дека тоа е систем на кој малкумина му се рамни во зимските спортови, пишува АП. Катерина Нојманова, пензионирана чешка олимписка шампионка, ја посочува структурата на Норвешка како основа на нејзиниот успех. Скијањето во крос-кантри е меѓу најпопуларните спортови во земјата, со стотици клубови и голем број деца кои почнуваат да тренираат на рана возраст.
– Кога имате толку многу деца, толку многу тренери и толку многу клубови низ цела Норвешка, многу е полесно да се најдат посебни таленти – изјави Нојманова за „Асошиејтед прес“.
Норвешка, рече таа, има корист од отсуството на руски тим, од концентрацијата на талентирани официјални лица на тимот кои ги поддржуваат спортистите, па дури и од недостигот од снег во пониските географски широчини што влијае на континентална Европа, пишува АП. А нејзината длабочина на јавното учество во спортот, тврди таа, обезбедува стабилно снабдување со елитни натпреварувачи.
– Другите земји обично имаат некои празнини меѓу генерациите, но норвешкиот тим е многу стабилен. Кога еден спортист ќе заврши со кариера, помладите веќе доаѓаат – рече Нојманова.
Партнер на Клаебо во трката во средата ѝ беше Ејнар Хедегарт, 24-годишен олимписки дебитант, кој го подели златото во претходната штафетна дисциплина и освои бронза во трката на 10 километри.
Голем дел од супериорноста на Норвешка произлегува од традицијата како лулка на нордиското скијање, пишува АП. Вкупно 13 медали, седум од нив златни, доаѓаат од нордиското скијање, а уште 11 од биатлон. Ана Одине Стром во скијачки скокови ги освои златните медали и на малата и на големата скокалница, а додаде и сребро во мешаната тимска дисциплина. Јенс Лурас Офтебро ги освои трите титули во нордиска комбинација.
Медалите не запираат тука, Норвешка има два победника во слободен стил, освои два медала во алпско скијање и го комплетира сетот во брзо лизгање со по едно злато и бронза и две сребра.
Фин Дал, кој го водеше маркетингот за Зимските олимписки игри во Лилехамер, во 1994 година, дома во Норвешка го припиша успехот на неговата земја на начинот на живот што се врти околу снегот. Децата, рече тој, често патуваат со своите семејства во планините, каде што скијањето е само нормален начин на движење.
– Тоа е природен начин на движење од една кабина во друга. Тоа е дух, тој е во вас – рече Дал, пренесе АП. Н.М.
НАЈУСПЕШНИ ПОЕДИНЦИ НА ЗОИ 2026
Јоханес Клаебо (Норвешка, нордиско скијање) 6 0 0
Џулија Симон (Франција, биатлон) 3 1 0
Квентин Фијон Маје (Франција, биатлон) 3 0 1
Јенс ван Т`ваут (Холандија, брзо лизгање) 3 0 1
Јенс Лурас Офтебро (Норвешка, нордиска комбинација) 3 0 0
Фрањо фон Алмен (Швајцарија, алпско скијање) 3 0 0
колоните се златни, сребрени и бронзени медали
Рекорд за најмногу златни медали на едни ЗОИ
Јоханес Дале-Скевдал од Норвешка беше единствениот биатлонец кој ги погоди сите 20 цели во трката со масовен старт од 15 километри во петокот и скијаше до златото, 17. златен медал на Норвешка на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо, соборувајќи го рекордот за најмногу златни медали освоени од една земја на едни ЗОИ, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Норвешка, која го постави рекордот на Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година, со 16 златни медали, викендов освои уште еден златен медал и до вчера претпладне имаше 18.
На годинашните Зимски олимписки игри Норвешка освои медали во седум спорта, златни медали во шест. Норвешка рекорден четврти пат во низа е најуспешна репрезентација на ЗОИ. Серијата почна со ЗОИ во 2014 година во Сочи, па продолжи на ЗОИ во 2018 година во Пјонгчанг, во 2022 година во Пекинг и годинава на 25. зимски олимписки игри, во Милано и Кортина д`Ампецо. Досегашниот рекорд беше победа на три зимски олимписки игри во низа.
Според податоците, репрезентацијата на Норвешка вкупно 11 пати била најуспешна репрезентација на зимски олимписки игри, кои се одржуваат од 1924 година. Н.М.
Клаебо е 11-кратен олимписки првак
Јоханес Хоесфлот Клаебо, норвешкиот крал на нордиското скијање, го собори рекордот за најмногу златни медали освоени на едни зимски олимписки игри (ЗОИ), со својот шести на Игрите во Милано и Кортина д`Ампецо. Клаебо ја предводеше Норвешка до победа во класичната трка со масовен старт на 50 км, а неговите сонародници Мартин Левстрем Ниенгет и Емил Иверсен го освоија среброто, односно бронзата.
– Беше лудо, сон што стана реалност – изјави Клаебо за „Би-би-си“.
Клаебо го собори претходниот рекорд од пет златни медали од едни ЗОИ, поставен од американскиот лизгач Ерик Хајден од Игрите во Лејк Плесид во 1980 година, пишува „Би-би-си“. Исто така, тој го зголеми неговиот рекорд за најмногу златни медали на зимски олимписки игри на 11 и стана првиот спортист што победил во сите шест трки во нордиско скијање на едни ЗОИ.
Само американскиот великан во пливање Мајкл Фелпс, кој освои 23 златни медали, има повеќе олимписки титули. Клаебо е и рекордер со 116 победи во Светскиот куп, а е и 15-кратен светски шампион, освојувајќи ги сите шест титули на минатогодишниот Мундијал во Трондхајм. Н.М.
НАЈУСПЕШНИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ НА ЗОИ 2026
Норвешка 18 12 11
САД 11 12 9
Холандија 10 7 3
Италија 10 6 14
Германија 8 10 8
Франција 8 9 6
Шведска 8 6 4
Швајцарија 6 9 8
табелата со медали е до вчера претпладне


































