Во полуфиналните дуели, Непомнијашчи го победи Карлсен со 3-1, а Накамура славеше на мечот со Абдусаторов со 3-0
Рускиот велемајстор (ВМ) Јан Непомнијашчи (2.793 рејтинг поени) и Американецот Хикару Накамура (2.713) се финалисти на Светското првенство (СП) во Фишеров шах, кое се игра во Рејкјавик (Исланд), град каде што пред 50 години Роберт Фишер стана светки првак во класичен шах.
Непомнијашчи во полуфиналето славеше со 3-1 против актуелниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.856). Накамура, пак, кој добро игра и забрзан и брз шах и е единствен на ова Светско првенство што досега не загуби партија, го елиминира забревтаниот Узбекистанец Нодирбек Абдусаторов (2.713), со 3-0. Абдусаторов (18) победи на Светското првенство во брз шах во 2021 година, станувајќи најмладиот светски шампион во брз шах, со 17 години и три месеци, рекорд што претходно го држеше Карлсен, со 18 години. Абдусаторов во финалето во 2021 година го победи Непомнијашчи.
– Свесно одлучив да играм остро во почетокот на дуелот по првичниот пораз, и покрај тоа што објективно е ризично – рече Непомнијашчи по победата над Карлсен.
Фишеров или случаен шах е форма на шах измислен од поранешниот американски светски шаховски шампион Фишер, во кој почетните позиции на клучните фигури се ставаат по случаен избор од страна на компјутер, на тој начин принудувајќи ги играчите да ги напуштат веќе познатите отворања или оние што ги подготвиле од порано.
Овој шах се нарекува и Шах 960, поради 960-те можни распореди на фигурите од првиот ред. Првото официјално СП во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) се играше во 2019 година, а победник беше Весли Со (САД).
Карлсен за една локална телевизија рече дека Фишеровиот шах треба да се игра со многу побавно темпо, оти играта е малку истражена, додека, пак, класичниот шах треба да оди со побрзо темпо за да нема претерано анализирање.
За проучување на позицијата, учесниците на СП имаат по 15 минути пред да почнат дуелите. Контролата на времето во Фишеровиот шах е 25 минути по играч за првите 30 потези, по што секој шахист ќе добие дополнителни пет минути и зголемување од пет секунди по секој потег, почнувајќи од 31-от.
Во класичниот шах, пак, има 90 минути за првите 40 потези, плус 30 минути до крајот на партијата, со дополнителни 30 секунди за секој одигран потег, почнувајќи од првиот.
Наградниот фонд на Светското првенство во Рејкјавик е 400.000 долари, а победникот ќе биде побогат за 150.000 долари. Г.И.
СВЕТСКИ ПРВАЦИ
класичен шах Магнус Карлсен
брз шах Нодирбек Абдусаторов
забрзан шах Максим Вашер-Леграв
Фишеров шах ?