ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗАВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (258)
Дејан Ангеловски (2)
Од 2001 година, па до денес, неговиот рекорд во копје, 76,46 м, уште не е урнат. Ангеловски во долгата атлетска кариера учествуваше на по едно светско и европско првенство, а настапи и на една универзијада. Неговите активности во Атлетската федерација на Македонија и понатаму продолжуваат
Дејан Ангеловски е еден од оние македонски атлетичари, чиј рекорд во фрлање копје егзистира повеќе од 22 години, а досега ниту еден копјаник не може да се доближи до неговото постигнување. Тој уште во 2001 година го фрли копјето на далечина од 76,46 метри, што за многу генерации по него е недостижна. Така, атлетичарот на Работнички, кој патем да споменам е државен рекордер и во фрлање ѓуле во сала, и понатаму останува ненадминат во двете дисциплини.
Причината што е ова така и што еве двата рекорда на Ангеловски и натаму фигурираат на рекордерската листа треба да се бара во две работи. Едната е што младите, иако некои имаат физички предиспозиции, поради тоа што „кралицата“ кај нас е сиромашна и не нуди адекватни услови за тренинг заминуваат најчесто во екипните спортови, а втората е што и во самите клубови тренерите повеќе се ориентирани кон тркачките и скокачките дисциплини. Состојбата е таква од проста причина што, освен донекаде за ѓуле, за другите дисциплини не постои терен каде што би можеле да се изведуваат фрлањата. Така, желбата да ги земат копјето, кладивото, дискот или ѓулето во раце и да се натпреваруваат брзо „згаснува“.
Едноставно и самите сфаќаат оти сѐ се сведува на импровизација. Само оние „најзагреаните“ остануваат и би рекол се снаоѓаат, па ги користат и природните услови само да го одржат тренингот.
– Ние, во мое време, а тоа е случај и денес, зашто немаме атлетски стадион, одевме на тренинг покрај езерцето во таканаречениот втор дел од Градскиот парк. Таму го фрлавме копјето, но мораше да внимаваме да не „налета“ некој од посетителите во паркот. Имавме и друг проблем, зашто се случуваше копјето да заврши и во некое стебло, па моравме да се качуваме на дрвото за да си го земеме копјето. Бевме среќни, ако тоа од ударот не беше оштетено – се сеќава на тоа време Дејан.
САМО 10 СМ ДО НОРМАТА ЗА ЛОИ ВО АТЛАНТА
Дејан Ангеловски, чија кариера беше испреплетена со многу радости, но и со разочарувања, како впрочем и секој спортист имаше желба да настапи на Олимпијадата. Помислата оти еден ден и тој би можел да се појави на најголемата светска спортска приредба го мотивираше. Откако границата од 70 метри не претставуваше проблем и копјето на сите натпревари ја прелетуваше оваа должина, стануваше реално да ја исполни и олимписката норма.
– Во годините пред олимпијадите во Атланта и во Сиднеј, на секој натпревар тежнеев да дојдам до толку посакуваната норма за учество на Игрите. Но постојано недостигаше некој сантиметар. Така, на пример, нормата за Атланта беше 75 метри, а јас на првенството на Македонија фрлив 74,90 м, само за 10 сантиметри не успеав да влезам на списокот на олимписките патници. Навистина тоа многу ме погоди, а бев и разочаран што поради тие 10 сантиметри не влегов и на списокот на стипендистите – вели Дејан.
Сепак, кога веќе стигна до овие резултати и кога покажа дека навистина може, дојде до ново разочарување. Имено, без никакво објаснување од страна на Федерацијата не учествуваше на СП за атлетичари до 23 години.
– Таму ќе имав убава шанса да се борам за висок пласман, па дури и за исполнување на олимписката норма, но, ете, не отпатував на тоа првенство. Во тие моменти бев во дилема дали воопшто да продолжам или да ставам крај на кариерата. Разочарувањето беше големо, но, сепак, кога веќе сум вложил толку години во атлетиката, би било навистина штета да не продолжам и понатаму да ја „напаѓам“ нормата барем за следната Олимпијада, во Сиднеј во 2000 година. Затоа, решив да продолжам да тренирам – рече тој.
ИСПУШТЕНА ШАНСА ВО БУДИМПЕШТА
Атлетиката е спорт во кој никој не ти помага, туку сам си ја кроиш судбината. Затоа, сѐ зависи од тебе и од твоите резултати. Доколку ги имаш, одиш понатаму и учествуваш на големите приредби, ако ги немаш остануваш во границите на просечноста.
– Знаев дека, освен тренерот и квалитетот на тренинзите, никој друг не може да ти помогне. Затоа, решив да одам докрај и да видам до каде ќе стигнам. Работев со професорот Радиќ, кој своевремено беше еден од најдобрите македонски копјаници. Неговото знаење и искуство многу ми помогнаа да ги подобрам моите резултати. Така, се стабилизирав на границата до 75 метри, а имаше натпревари на кои од шесте дури пет фрлања ми беа над 74 метри. Токму таа стандардност ми овозможи да учествувам на Европското првенство во Будимпешта во 1998 година и да се натпреварувам со најдобрите фрлачи на Стариот Континент меѓу кои беше и светскиот рекордер Беркли од Велика Британија. Мојата возбуда од учеството на ова првенство беше уште поголема што натпреварите се одржуваа на познатиот стадион „Неп“. Дотогаш имав само слушано за овој фудбалски храм на кој се одиграле многу историски мечеви, уште од времето на генерацијата на еден од најдобрите светски фудбалери Ференц Пушкаш. Да бидам искрен, стадионот го гледав како некое чудо, едноставно не можев да верувам оти дојде време и јас да се натпреварувам на него. На натпреварот имав поддршка од моите другари, кои допатува во Будимпешта, а и од моите родители. Овој настап ќе го паметам како нешто посебно во кариерата. Од натпреварувачки аспект, пак, не го постигнав својот најдобар резултат. Фрлив нешто над 73 метри и на крајот бев 21., а доколку ја префрлев границата од 75 метри ќе учествував во финалната серија. Но малку тремата, малку неискуството од ваквите настапи на големите приредби го сторија своето – зборува од оваа временска дистанца Ангеловски.
Инаку, желба му беше да го фрли копјето над 77 метри, што беше норма за следната Олимпијадата во Сиднеј. Откако не успеа во тоа, Ангеловски имаше шанса за поправен испит на Универзијадата на Сицилија, следната година.
– Но и таму не го остварив посакуваното. Така, кога веќе и таму не успеав да го исполнам мојот олимписки сон се помирив со судбината и решив да учествувам само на натпреварите на кои требаше да ги бранам боите на Македонија и на некои митинзи. Кон крајот на минатиот и почетокот на овој век имав повеќе настапи од кои во сеќавање ми остана митингот во Болоња, каде што добив и парична награда. Да бидам искрен бев изненаден и си помислив, види и во атлетиката имало пари – вели тој.
Дејан Ангеловски беше еден од столбовите во македонскиот состав, кој учествуваше на европските клупски натпревари. Таму имаше пласмани на второто и на третото место, што носеше драгоцени бодови за нашиот тим.
ОД ЛУТИНА ДО РЕКОРДНА ДАЛЕЧИНА
Со оглед на тоа што Ангеловски беше еден од најдобрите копјаници на поранешните југословенски простори за него беа заинтересирани повеќе клубови. Така, во 2000 година тој од АК Работнички беше позајмен во белградски Милиционар, за подоцна да ја смени средината и две години да ги брани боите на Партизан. Но бидејќи беше само позајмен, а не и отстапен на белградските клубови, Ангеловски можеше да настапува и за својот матичен клуб Работнички на поединечните првенства на Македонија. И токму тогаш се случи да го постави државниот сениорски рекорд од 76,46 метри, кој до денес не е урнат.
– До рекордот дојдов на еден интересен начин. Имено, еден ден претходно требаше да настапам за Милиционар. Но, како што тоа често бидува, кога поголемите риби ги јадат помалите, Партизан, кој беше организатор на екипниот натпревар за првак на Србија, направи една манипулација со саатницата. Без да ги информира другите клубови, меѓу кои беше и Милиционар за кого тогаш настапував, натпреварот во копје, кој беше предвиден за попладнето, се одржал во претпладневната програма. Така, кога попладнето дојдов на стадионот на мое големо изненадување видов оти натпреварот веќе завршил. Лут, веднаш заминав на железничката станица и со првиот воз тргнав за Скопје, барем да стигнам да учествувам на поединечното првенството на Македонија, кое беше закажано за следниот ден. Кога стигнав на Градскиот стадион, иако уморен и ненаспан, од лутина го фрлив копјето на рекордни 76,46 метри – вели Дејан.
Иако веќе чувствуваше заситеност од атлетиката, сепак, не можеше лесно да се откаже од неа. На Балканијадата во Нови Сад во 2005 година со пласманот на третото место беше најдобропласиран македонски атлетичар.
– Бидејќи претходно во АФМ беше донесена одлука оној што ќе биде најдобар на Балканијадата да патува на Светското првенство во Хелсинки, така се најдов и на најголемата светска атлетска приредба. Но, за жал, не успеав да се пласирам во финалната серија – рече тој.
Дејан Ангеловски, паралелно со секојдневните обврски во атлетиката и во животот, навреме го заврши Факултетот за физичка култура и спорт. Денеска, со своето искуство многу им помага на помладите, а како долгогодишен генерален секретар на Федерацијата се бори „кралицата на спортовите“ да го добие вистинското место во нашето спортско живеење.