ШАХ
- Зоната ќе го доближи светот на елитниот шах до гледачите, нудејќи дневни активности (предавања, симултанки, изложби, дискусии со водечки играчи и личности од шаховскиот свет), специјални гости и ретки можности да се сретнат некои од најголемите шаховски имиња
Гледачите што ќе присуствуваат на Турнирот на кандидатите во Пафос (Кипар) во машка и во женска конкуренција (од 28 март) ќе бидат дел од нов начин за одблиску да го доживеат настанот. Во текот на турнирот, отворената навивачка зона на местото на одржувањето ќе го доближи светот на елитниот шах до гледачите, нудејќи дневни активности, специјални гости и ретки можности да се сретнат некои од најголемите шаховски имиња.
Во зоната ќе има програма со предавања, симултанки, изложби и дискусии со водечки играчи и личности од шаховскиот свет. Најважниот дел од навивачката зона ќе бидат дневните настапи на самите играчи кандидати. Во повеќето денови, двајца или повеќе од учесниците ќе ја посетат навивачката зона за да учествуваат во сесии со прашања и одговори со публиката, да даваат автограми и да се фотографираат со нив, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
Заедно со шахистите, програмата ќе им посака добредојде на неколку истакнати гости од целиот шаховски свет. Потврдени се настапите на петкратниот светски шампион Вишванатан Ананд, поранешната светска шампионка Александра Костенјук, поранешниот потпретседател на ФИДЕ, Најџел Шорт, и легендарни велемајстори како Борис Гелфанд и Виктор Бологан. Едукативните сесии ќе вклучуваат и говорници, меѓу кои и генералната директорка на ФИДЕ, Дана Рајзниеце, и Евгениј Леванзов. Во текот на турнирот, ќе има и предавања на теми како што се „Како да размислувате како велемајстор“, како и врските меѓу шахот, математиката и технологијата, пишува ФИДЕ. Програмата на навивачката зона почнува на 29 март со специјално гостување на Ананд и продолжува во текот на 14-те кола на турнирот, со активности закажани во повеќето денови. Повеќе гости и настани ќе бидат објавени како што се приближува турнирот, што ја прави зоната дневно место за состаноци за играчите, гледачите и за пошироката шаховска заедница, пишува ФИДЕ. Г.И.

































