Имаме мали проблеми со блокот и со поставувањето на одбраната, но сепак се надевам дека ќе го надминеме тоа и ќе бидеме подготвени за претстојните дуели против Грузија и Грција, вели селекторот Наковски
ОДБОЈКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026
Македонската машка одбојкарска репрезентација, предводена од селекторот Хари Наковски, продолжува со засилените подготовки пред петочното заминувањето за Тбилиси, каде што в сабота ќе ги одмери силите против селекцијата на Грузија во воведното коло во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година во Финска, Италија, Романија и Бугарија. На 48-то издание на традиционалниот меморијален одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, кој се одржа во салата „Парк“ во Струмица, Израел заврши прв, Македонија втора, додека Косово беше трето. Македонските одбојкари на овој турнир го совладаа Косово со 3-0 во сетови, а во борбата за првата позиција беа минимално поразени од Израел со 2-3.
– По завршувањето на турнирот „Чајка“ и двата натпревара против Косово и Израел, полека дојдовме до одредена слика за нашата игра. Видовме кои елементи уште не ги играме како што посакуваме. Имаме мали проблеми со блокот и со поставувањето на одбраната, но и неколку дена да го надминеме тоа и се надевам дека ќе бидеме подготвени за претстојните дуели против Грузија и Грција – вели селекторот Хари Наковски.
Контролните натпревари и серијата исцрпувачки тренинзи во Маврово, Скопје и во Струмица, сепак добро ѝ дојдоа на македонската репрезентација во темпирањето на посакуваната форма. До заминувањето во Грузија, тие ќе тренираат во Струмица.
– Формата полека ја подигнуваме на потребното ниво и се надевам дека против Грузија, која на хартија е сепак малку послаб противник од нас, треба да одиграме добар меч, а потоа во Скопје против Грција треба да го дадеме нашиот максимум, со што нашата добра форма ќе дојде до израз – додава македонскиот селектор.
Македонската машка репрезентација е во групата Ф, која в сабота ќе игра на гости со Грузија, а на 25-ти дома со Грција, додека на 29 август ќе се сретнат меѓу себе и Грција и Грузија. По овие средби, квалификациите продолжуваат во август 2025 година. Црвено-жолтите играат за пласман на четвртото ЕП во низа, по настапите во 2019 година (17-то место), 2021-та (23-то место) и во 2023 година (16-то место). На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и петте најдобри меѓу второпласираните. Од претходно директен пласман обезбедија четирите домаќини на првенството, како и Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија според пласманот на ЕП 2023. Г.И.
Одбојкарките на испит против Австрија и Грција
Покрај машката, и женската одбојкарска репрезентација на Македонија, на чело со селекторот Стефан Пауновиќ, исто така месецов ќе игра два квалификациски меча за пласман на ЕП 2026 во Азербејџан, Чешка, Шведска и Турција. Македонските девојки против Австрија ќе играат на 17 август, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, а со Грција на 28 август. Квалификациите потоа продолжуваат во август идната година. Ова е голем предизвик за Македонките, оти првпат по деценија и половина ќе настапат во квалификации за ЕП, што ќе биде уште еден доказ за да се утврди нивото на македонската женска одбојка.
– Максимално сме мотивирани и со нетрпение го очекуваме првиот натпревар со Австрија. Девојките се во одлична форма, и со силен дух и решителност ќе го покажеме најдоброто од нас на теренот. Ги повикувам сите љубители на спортот и на одбојката да дојдат во салата и да ни ја дадат нивната поддршка. Ова е единствен натпревар што го играме годинава на домашен терен – вели репрезентативката Тамара Стојанова.
На ЕП 2026 ќе се пласираат победниците на седумте квалификациски групи и петте најдобри меѓу второпласираните. Обезбеден пласман имаат домаќините на ова ЕП, како и Србија, Холандија, Италија, Полска, Франција, Бугарија, Украина и Словачка, според пласманот на ЕП 2023 година.