Оливера Наковска-Бикова е првата Македонка што го визира пасошот за ПОИ 2024 во Париз. Покрај тоа, Оливера ги обедини титулите и златните медали на најголемите спортски настани, светски првенства, европски првенства, параолимписки игри и, секако, светски купови, а мене како нејзин тренер ми е особено драго, ни изјави селекторот на македонската стрелачка репрезентација, Бранимир Јовановски

СТРЕЛАШТВО – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Македонската параолимпијка, стрелачката Оливера Наковска-Бикова постигна огромен успех на Светското првенство (СП) во Ал Аин (Обединети Арапски Емирати), освојувајќи го златниот медал во дисциплината П4-пиштол слободен избор на 50 метри. Со овој резултат таа обезбеди и настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз во 2024 година.
– Оливера Наковска-Бикова е првата Македонка што го визира пасошот за ПОИ 2024 во Париз, освојувајќи директна квота. Покрај тоа, Оливера ги обедини титулите и златните медали на најголемите спортски настани, светски првенства, европски првенства, параолимписки игри и, секако, светски купови, а мене како нејзин тренер ми е особено драго – ни изјави селекторот на македонската стрелачка репрезентација Бранимир Јовановски.
Во квалификациите, во кој настапија 28 натпреварувач(к)и од 17 држави, Наковска-Бикова го освои второто место со погодени 538 круга, додека најдобар резултат имаше Кјун Парк од Кореја (547). А во големото финале во кое се пласираа најдобрите осум од квалификациите, Оливера постигна најдобар резултат погодувајќи 216,5 круга. Второто место му припадна на Украинецот Олексиј Денисјук (193,5).
– Во оваа дисциплина се доделуваат пет квоти за ПОИ 2024, една без оглед на полот, две за најдобропласираните мажи и две за најдобропласираните жени. Дополнително, за да се додели олимписка квота, резултатот требаше да биде еднаков или поголем од 510 круга – појаснува Јовановски.
Наковска-Бикова досега настапи на седум СП, а претходно освои три сребра и една бронза во поединечна, а по едно сребро и бронза во екипна конкуренција. Таа има златен медал со светски и параолимписки рекорд од ПОИ 2012 во Лондон, а настапила на пет ПОИ и на сите стигнала во финалето (Атина во 2004 година, Пекинг 2008 година, Лондон 2012-та, Рио 2016-та и Токио 2020 година).
На СП 2022 настапуваат 267 натпреварувачи од 54 држави од сите континенти, во 27 спортски дисциплини. На СП 2022 од Македонија настапија и Ванчо Каранфилов и Александар Јовановски, но не стигнаа до можност да се борат за медал. Г.И.