СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ОАЕ

По завчерашниот прецизен дел таа се пласира на 16-то место, а вчера по брзиот дел го освои 19-то место, со погодени 550 круга

Оливера Наковска-Бикова на Светското првенство (СП) вчера и завчера настапи во дисциплината П3-спорт пиштол од 25 м, во кој квалификацискиот натпревар се состои од 60 истрели поделени на 30 прецизна и 30 брза стрелба (во два дена). По прецизниот дел таа се пласира на 16-то место, а вчера по брзиот дел го освои 19-то место, со резултат од 550 круга. Во оваа дисциплина квота за настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз во 2024 година добива првопласираниот, без оглед на полот, а во финалето се пласираше една жена, Унгарката Кристина Давид. Овој пласман на Кристина во финалето ќе ѝ носеше директна норма за ПОИ 2024, но само ако и во финалето го освоеше првото место, а тогаш и Оливера ќе добиеше квота, бидејќи во тој момент беше на третата позиција од натпреварувачките. Но бидејќи во финалето не победи Давид со тоа пропаднаа и шансите на Наковска-Бикова за влез во финалето. Но одиме понатаму, вели селекторот на параолимписката репрезентација, Бранимир Јовановски.

Пред настапот во финалето прва беше Индијката Јахар Рахул со 582 погодени круга, втора беше Кореанката Јунгнам Ким (577), трет резултат имаше Олексиј Денисјук (575), а во финалето победи Ким. Од тројцата натпреварувачи од Македонија што се на СП, во Ал Аин (ОАЕ), утре ќе настапат Ванчо Каранфилов и Александар Јовановски, а в петок Наковска-Бикова, сите во дисциплината воздушен пиштол. Последна на ова СП ќе настапи Наковска-Бикова на 14 ноември во дисциплината П4 слободен избор од 50 м.

– Требаше да настапи и во дисциплината П6-воздушен пиштол микс, ама ниту Каранфилов, ниту Јовановски не исполнија норми, па тие се враќаат на 10 ноември дома, а дисциплината П6 ја пропуштаме. Таа дисциплина и така е за престижи и не носи директни квоти за ПОИ 2024 – вели Јовановски.

На СП учествуваат 267 стрелци од 54 држави од сите континенти во 27 спортски дисциплини, што го прави најмасовно СП во историјата на овој спорт. Г.И.