Леа Ефтовска и Тони Лазов

Од македонските шахисти засега најуспешни се Станојоски, Лазов и Николовски, со по три поени од пет партии, а кај шахистките Манова, која единствена ги одигра сите мечеви, со резултат 4/6. За шахистите (на 72-то место по шест кола) следува дуел со Норвешка на светскиот првак Карлсен, а шахистките (на 47-то место) треба да се сретнат со Словенија

ПО ШЕСТ КОЛА НА ШАХОВСКАТА ОЛИМПИЈАДА ВО ЧЕНАИ

Македонската машка и женска шаховска репрезентација по шесте одиграни кола од предвидените 11, вчера го имаше единствениот слободен ден на 44. Шаховска олимпијада (ШО) во Ченаи (Индија). Шахистите, рангирани на 71-то место пред почетокот (просечен рејтинг 2.389 поени), моментно се 72. со седум екипни бода (12,5 поени по табли) меѓу 187 селекции, а шахистките, рангирани на 71-то место, се 47. со осум бода (13,5) меѓу 161 репрезентација.
Тоа е далеку од најдобрите нивни пласмани на досегашните ШО, кога мажите по ова коло беа 17-ти на ШО 2002 во Блед со девет бода (15,5 по табли) и во Истанбул во 2012-та, на 23-то место со девет бода (16). И девојките најдобриот пласман по првиот дел го имаа во Блед, кога беа 39-ти со пет бода (9,5), а беа и 40-ти во Ереван 1996 со пет бода (девет), но тогаш се играше на три табли. Шахистите досега на сите ШО по седмото коло оствариле вкупно шест победи, две ремија и пет порази, а шахистките седум победи, едно реми и четири порази. Дали ќе биде подобрен овој резултат ќе се знае денеска, кога мажите во 7-то коло ќе играат против силната Норвешка (рангирана на третото место), каде што на првата табла игра светскиот првак Магнус Карлсен, а девојките против квалитетната Словенија (рангирана на 26-то место).

Од македонските претставници засега најуспешни се ВМ Звонко Станојоски (рејтинг 2.412), ИМ Тони Лазов (2.374) и ИМ Никола Николовски (2.366), сите со три поени од пет партии, ФМ Емил Ристески (2.405) има резултат 2/5, а дебитантот Андреј Велјаноски (2.162) 1/4. Кај шахистките Ивана Манова (1.849), која единствена ги одигра сите партии, е со резултат 4/6 (освои и 20 рејтинг-поени). Следуваат дебитантките Леа Ефтовска (1.634) со 3/4 (плус 20 р.-поени) и Моника Жежовска (1.588) со 2,5/5 (плус 30 р.-поени), колку што има и Драгана Николовска (1.876). ЖФМ Моника Стојковска (2.091) на првата табла има 1,5 поен од четири партии.
– Не сум задоволен од досегашната игра. Генерално проблем ми е цајтнотот, оти многу време трошам за размислување, но се надевам дека ќе го подобрам резултатот до крајот на Олимпијадата. Сметам дека и како тим сите играме послабо од реалната силина што ја поседуваме, но на крајот, сепак, очекувам да го подобриме почетниот пласман – вели Лазов.
Македонската машка репрезентација во шестото коло ја совлада Сирија (рангирана на 97-то место) со 3-1, а женската славеше над фаворизираната Финска (рангирана на 45-то место) со 3,5-0,5 поени. Кај мажите засега води Ерменија со 12 бода (17,5 по табли), втори се САД со 11 бода (16), а трета е втората селекција на Индија со 10 бода (19 по табли). Кај жените на врвот е Индија со 12 бода (18,5), пред Грузија со 11 (18,5) и Романија со 11 бода (16,5). Г.И.