Брзото разгледување на бројките зад неговата победничка серија покажува дека сервисот на Надал е фундаментален за неговиот неодамнешен успех, пишува АТП. Тој годинава има 15 победи по ред (претходно најдобриот почеток на една година му беше со 11 победи во 2014 година), освоил 89,7 отсто од гејмовите на свој сервис и одбранил 72,4 проценти од брејк-топките (во двата случаја многу подобро од неговиот просек во кариерата)
ТЕНИС
Шпанецот Рафаел Надал никогаш немал подобар почеток на една тениска сезона, откако со победата на Камерон Нори, во финалето на турнирот во Акапулко (Мексико), сега има 15 победи и ниту еден пораз (15-0) во 2022 година. Тоа е многу подобро од неговиот претходен личен најдобар почеток на една сезона, со 11 победи во 2014 година, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) на својата интернет-страница.
Одамна е познато дека има малку слабости во играта на Надал, но еден аспект особено се истакна во јануари и февруари и двата триумфа (Австралија опен и Акапулко), а брзото разгледување на бројките зад неговата победничка серија покажува дека сервисот на Надал е фундаментален за неговиот неодамнешен успех, пишува АТП. Според „Инфосис АТП“, Шпанецот освоил 89,7 отсто од гејмовите на свој сервис годинава, што е повеќе од неговиот просек во кариерата од 85,8 отсто. Оваа цврста основа им отежна на противниците, а 11 од 15-те победи биле без загубен сет.
Сигурниот сервис, исто така, му даде на Надал поголема слобода да напаѓа. Не се работеше само за бројот на сервис-гемови што ги освои Надал. Се работи и за справување со притисокот во моментите на сервис. Изведбата на Надал особено дојде до израз кога светскиот рекет број четири се соочи со т.н. брејк-топки (поен што ако го загуби, го губи и гејмот на свој сервис). Одбранетите 72,4 проценти од брејк-топките годинава се повисоки од неговиот просек од 66,7 проценти во кариерата и, за Надал, се чини дека неговата реализација функционира особено ефикасно против некои од неговите најголеми ривали, пишува АТП.
Силната статистика не гарантира успех, но бројките како на Надал секако помагаат, дури и кога ќе се соочи со најтешките ситуации на сервисот, Надал покажува дека ги има сите одговори во 2022 година, пишува АТП.