Тие од 20 до 26 јули ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини, споделувајќи ја љубовта кон спортот, ферплејот и пријателството. Предвидени се натпревари во атлетика, пливање, гимнастика, џудо, велосипедизам, маунтин бајк, ракомет, одбојка, кошарка, баскет 3х3, бадмингтон, стрелаштво, кајак, таеквондо и пинг-понг
„ЕМОФ СКОПЈЕ 2025“
Од 20 до 26 јули Скопје ќе биде центар на младинскиот спорт во Европа, кога ќе се одржи Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), најголемиот спортски настан за млади спортисти на Стариот Континент. Над 4.000 таленти од 50 земји ќе ја почувствуваат олимписката магија, натпреварувајќи се во 15 спортски дисциплини и споделувајќи ја љубовта кон спортот, ферплејот и пријателството, информираат од „ЕМОФ 2025“.
Програмата на „ЕМОФ Скопје 2025“ вклучува разновидни индивидуални и екипни спортови, кои ќе се одвиваат во современи спортски центри во Скопје, Куманово и во Осиек (Хрватска). Атлетика, пливање, гимнастика, џудо, велосипедизам и маунтин бајк се меѓу најатрактивните дисциплини. Екипните спортови како ракомет, одбојка, кошарка и баскет 3х3 ќе понудат вистински спортски дуели полни со емоции и тимска стратегија. Тука се и бадмингтон, стрелаштво, кајак слалом, таеквондо и пинг-понг, спортови што бараат прецизност, концентрација и дух на натпреварување.
Скопје ќе биде срцето на фестивалот со натпревари во најголемите спортски арени во градот, „Борис Трајковски“, СЦ „Јане Сандански“ и атлетскиот стадион, кој ќе ги пречека најдобрите млади европски спортисти. Стадионот е главната атлетска локација на фестивалот. Во Куманово ќе има натпревари во велосипедизам и во кошарка, а Осиек ќе биде домаќин на натпреварите во гимнастика, внесувајќи меѓународна димензија во фестивалот, информираат од „ЕМОФ 2025“.
Секоја локација ќе понуди уникатно спортско доживување, односно место каде што ќе се раѓаат нови спортски ѕвезди и ќе се слават победите на идните шампиони.
„ЕМОФ Скопје 2025“ е многу повеќе од спортски настан, тоа е можност млади луѓе да изградат мостови на пријателство, почит и разбирање преку спортот. Со слоганот на олимписките вредности и присуството на официјалната маскота Шајни, фестивалот ќе биде прослава на младешката енергија и страста кон активниот живот. Настанот ќе понуди едукативни и културни активности, интеракција помеѓу различни нации и инспирација за идни генерации спортисти што сонуваат за големи сцени.
Македонија е подготвена да ги пречека европските спортски надежи со отворено срце, организациска посветеност и спортски дух. „ЕМОФ Скопје 2025“ ќе биде недела исполнета со емоции, нови пријателства, спортска магија и незаборавни моменти, информираат од „ЕМОФ 2025“. Г.И.