За време на слободниот ден беше организирано и крстосување со брод за сите учесници до Свети Наум, за по напорните шест кола шахистите да земат малку здив и добро да се одморат пред завршните три кола, вели спортскиот директор на репрезентациите на Македонија, Ѓорѓи Миновски

ШАХ – ЗА ВРЕМЕ НА СЛОБОДНИОТ ДЕН НА СП ЗА ВЕТЕРАНИ ВО СТРУГА

Англискиот велемајстор (ВМ) Кеит Аркел (2,327 рејтинг-поени, рангиран прв пред почетокот на турнирот) победи на турнирот во брз шах, кој се одржа во рамките на слободниот ден од Светското првенство (СП) за ветерани над 50 и над 65 години во Струга.
На турнирот, кој не беше задолжителен, во конкуренција на 27 шахисти од Србија, Австрија, Канада, Англија, Германија, Летонија, Шведска, Уругвај, Велс, Косово, Грција и од Македонија, по 11 кола, Аркел, кој ги брани боите на екипата на Англија 1 на СП 2023, во категоријата над 50 години, освои 8,5 поени. Второто место му припадна на македонскиот ФМ Роберт Велески (2.135, рангиран осми) со осум поени, колку што имаше и Сашо Симјановски (2.268, рангиран трет). Најдобра шахистка беше Летонката Зинаида Особскаја (1.550, рангирана 24-та), која со 5,5 поени вкупно го освои 16-то место.
– Турнирот во брз шах беше од отворен карактер, на кој настапија шестмина учесници со над 50 години, 16 со над 65 години и петмина под 50 години, чија цел беше слободниот ден да го направиме поинтересен за тие што ќе изразат желба да играат шах. Првите петмина добија парични награди, како и најуспешната шахистка, како и пригодни подароци од организаторот на СП. Претпладнето, пак, беше организирано и крстосување со брод за сите учесници до Свети Наум, за по напорните шест кола шахистите да земат малку здив и добро да се одморат пред завршните три кола, по што ќе се знаат новите светски прваци во двете конкуренции. Сѐ помина одлично, а шахистите изразија задоволство од пловидбата со бродот и од убавините што ги видоа – вели спортскиот директор на шаховските репрезентациите на Македонија, Ѓорѓи Миновски.
Возбудувањата во класичниот шах на Светското првенство продолжија вчера со екипните дуели од редовното седмо коло, кога всушност и почна борбата за распределба на медалите во двете конкуренции. Г.И.