Од четирите години во кои Јовица триумфира на сениорските првенства, во една тој и брат му Мики беа победници и во игра на двојки. Тој беше учесник во 11 финалиња за републички првак, четири пати беше победник. Незаборавниот чичко Уте беше вистинска икона на ТК Југ
Јовица Лазовски (2)
Меѓу оние тенисери што дваесетина и повеќе години во минатиот век беа доминантни на македонската сцена, секако една од најзабележителните фигури беше Јовица Лазовски. Тој имаше дури 11 учества во финалињата за сениорски првак на Македонија, во кои четири пати излезе како победник. Но кога се зборува за минатото и за титулите мора да се каже оти Македонија во втората половина од минатиот век, кога впрочем белиот спорт во нашата Република со брзи чекори одеше напред, имаше една силна генерација. Во таа конкуренција, во која неприкосновени беа Штериев, Апостолов, Јанчулев, Михајлов, Панов, нешто подоцна Ночев, Николовски и Шевченко, беше навистина тешко да се дојде до триумф.
– Тоа беше пеколно тешко. Конкуренцијата беше голема и требаше да се помине еден напорен и трнлив пат за да се стигне до републичката титула. Конкуренцијата беше силна и не е чудно што во 11-те финални настапи доживеав седум порази. Овој биланс не ме разочара, зашто во периодот кога бев во најдобра форма четири пати станав првак на Македонија, па тие титули како да ги потиснаа и фрлија во заборав поразите. За мене беше битно што во тениската историја ќе биде запишано оти сум бил четирикратен републички сениорски првак. Затоа, немаше место за разочараност, туку напротив бев горд, зашто малкумина успеваа да се закитат со толку сениорски титули – ми рече во емисијата посветена на македонските спортски легенди – снимена во 2010 година, сега покојниот Јовица Лазовски
Победи против сите од првата „петорка“
Приказната за Јовица ќе ја продолжам со неговите настапи, кога со рекетот шеташе од турнир на турнир и правеше обиди да им се спротивстави на најсилните југословенски играчи, прво во младинска, а потоа и во сениорска конкуренција.
– Имав голем бенефит од тренинзите во почетните години со славниот југословенски ас Палада. Тоа беше за мене најзначајниот период, кога практично цврсто почнав да газам на црвеницата. Но Палада не беше единствениот од кого добив драгоцено знаење, напротив, тука беше и нашата тениска легенда, би рекол икона на ТК Југ, Милутин Ѓуровски-Уте. Тој беше еден симпатичен и неверојатен човек. Толку беше вљубен во тенисот, така што се добиваше впечаток оти освен префрлањето на топчето преку мрежата ништо друго не го интересира. Малку беа таквите ентузијасти, кои остануваат верни на својот спорт и се заслужни за успесите на плејадата тенисери, кои подоцна добро истренирани зачекоруваа на спортската сцена. Нема да згрешам ако кажам оти чичко Уте беше еден и – единствен. Но не треба да се заборават и браќата Андреевски, кои, исто така, со сиот свој ентузијазам се залагаа да создадат услови за непречена работа на ТК Југ, а се јавуваа и како организатори на неколку приредби меѓу кои беше и Галеа-купот во Скопје, кога во југословенскиот репрезентативен состав во 1972 година беше и Тошко Николовски – рече тој.
Откако учествуваше на првите турнири во Борово и во Осиек, Јовица, кој го сврте вниманието кон себе, со уште поголем елан и охрабрен ги очекуваше следните турнири.
– Потоа дојдоа настапите во Белград, Загреб и во Вараждин, три квалитетни турнири на кои стигнував и до полуфиналето. Тоа беше показател за моите квалитети. Откако го поминав првиот, така да кажам, филтер, многу самоуверено продолжив да шетам со рекетот низ поранешната држава. Веќе сите ме препознаваа, а да бидам искрен противниците и не сакаа ждрепката во првите кола да им падне да играат со мене. Сите сакаа да ме избегнат. Јас го чувствував стравот кај нив и често со нив се шегував и им велев: немајте гајле, не сум толку опасен. Тие ќе замолчеа не верувајќи во тоа што го говорам. Но јас бев таков со сите пријателски расположен, а на теренот многу незгоден и непријатен ривал. На турнирите во Југославија во втората половина од 60-тите години ги победив речиси сите тенисери што припаѓаа на првата југословенска „петорка“ – се сеќаваше на овие игри Лазовски.
Јовица се сеќаваше и на некои детали од многубројните учества на турнирите. Тој не заборави да го спомене и настапот во Ниш.
– Таму, кога помислив дека ќе го освојам првото место, зашто навистина бев во одлична форма, доживеав пораз од Арменулиќ, кој подоцна беше југословенски селектор. Одигравме добар меч, но Арменулиќ, кој беше поискусен од мене, со тактичка игра успеа да ме совлада. Но пласманот во финалето во Ниш, а и резултатите на другите турнири, ми овозможија вторпат да бидам меѓу десетте најдобри младинци во Југославија. Што се однесува, пак, до сениорските пласмани, еден пат меѓу 10-те, а двапати меѓу 16-те најдобри југословенски тенисери – рече тој.
Две титули во иста година
Со оглед на тоа што имавме квалитетни тенисери, првенствата на Македонија беа многу интересни. Трибините не можеа да ги соберат сите вљубеници во тенисот, па, така, многу луѓе што подоцна пристигнуваа, наоѓаа место и добар видик преку мрежата од страната на насипот.
– Се сеќавам на мојот прв настап на едно првенство на Македонија во конкуренција на сениори. Противник на стартот ми беше никој друг, туку за нас помладите непобедливиот Сашо Панов. Бев разочаран од ждрепката, но и подготвен докрај машки да се борам. Во тоа успеав, навистина бев борбен, му давав отпор на мојот идол од детските години, но до победата немаше шанса да дојдам. Сашо беше како фурија, ме совлада и елиминира. Но се сеќавам на неговите зборови по мечот „дете, ќе биде тенисер од тебе, само така продолжи“. Ова беше големо охрабрување за мене, зашто Сашо, кој беше мошне отворен, нема да ми го кажеше ова, ако навистина не го мислеше – раскажуваше Лазовски.
Од овие моменти кај Јовица како да тлееше желбата еден ден и тој да стане првак на Македонија.
– Оваа желба ме носеше напред и само напред. Бев решен да жртвувам сѐ само на крајот на некој од следните шампионати на Републиката да стигнам до титулата. Конечно ми успеа тоа во 1968 година – со радост на лицето Јовица ми го кажуваше ова и ги опишуваше највозбудливите моменти.
И кога сите мислеа оти тој и понатаму ќе биде меѓу победниците на следните првенства на Македонија, на сцена како феникс се појавува Тошко Николовски.
– Замислете никој од нас не можеше да му застане на патот на Тошко, кој дури осум пати едноподруго триумфира на првенствата на Македонија. Тоа беше нешто неверојатно, но имаше сила кај ова момче, кое подоцна стана и Галеа-репрезентативец на Југославија, а беше победник и на неколку турнири. Неговата доминација траеше до 1976 година. Потоа, на следните три првенства јас го освојував првото место. Конечно во 1984 година кога имав 37 години загубив во моето 11-то финале и престанав активно да се занимавам со тенисот. Бев задоволен со четирите титули и мирно заминав во спортската пензија, со оглед на тоа што со мојот помлад брат Мики еднаш го освоивме и првенството на Македонија во игра на двојки и тоа во една година кога јас бев победник и во поединечна конкуренција. Така, во иста година, на исто место, во витрините на семејството Лазовски се најдоа две шампионски титули – велеше Јовица.
И кога сме кај братот Мики еве и една интересна епизода за него.
– На еден тренинг на терените на Југ се појави новинарот Љупчо Гајдов во друштво со едно високо момче. Гајдов дојде до теренот и ме праша дали може да поиграм малку со неговиот пријател. Јас прифатив и во следниот момент кога пријателот зачекори на теренот се „стаписав“ кога видов оти момчето не е никој друг, туку легендарниот шаховски светски шампион Боби Фишер. Тогаш Боби беше дојден во Скопје да учествува на првата шаховска „Средба на солидарноста“ – вели тој.
Сопственик на најстариот рекет
Јовица Лазовски ќе остане запаметен кај тенисерите и неговите пријатели како многу темпераментен и весел човек, кој со одушевување зборуваше за својот тениски живот. Секогаш се потсетуваше на убавите денови, кога помина со рекетот во рака, крстосувајќи од град во град за да учествува на турнирите. Кога разговарав со него, во емисијата посветена на легендарните спортисти емитувана на Наша ТВ ни ја откри тајната и за најстариот тениски рекет во Македонија. Тој со другите рекети го држеше в раце и овој, сакајќи и на гледачите да им го покаже овој тениски раритет. Тоа беше мошне квалитетен „данлоп“, кој од 1905 година се наоѓал на таванот од куќата на едно битолско семејство.
– Ова е тој рекет, погледни колку е квалитетен и зачуван. Ова е вистинско богатство. Многу сум ѝ благодарен на една жена, која стапи во контакт со мене и ми рече оти на таванот кај нив има повеќе зачувани стари работи, меѓу кои и тениски рекет. Ме покани да дојдам во Битола и ми рече, ако ти се допадне рекетот, тој ќе биде твој. Немав време за чекање и од љубопитност веднаш дотрчав во Битола. Се качив на таванот и веќе на мое големо задоволство, рекетот изработен во 1905 година се најде не само во моите раце туку стана и моја сопственост – ми рече Јовица.
Со ова го завршувам моето претставување на легендарниот тениски ас Јовица Лазовски, кој, за жал, се упокои во 2016 година. Тој замина во вечноста, но зад себе остави еден богат тениски опус. Јовица навистина беше голем спортист и човек пред сѐ.