Според возраста, на ЛОИ 2024 би можеле да играат, меѓу другите, Габриел Мартинели (освои злато на ЛОИ во Токио), Педри, Ерик Гарсија (освоија сребро на ЛОИ 2020), Енцо Фернандез (ја доби наградата за најдобар млад фудбалер на СП 2022), Едуардо Камавинга, Јусуфа Мукоко, Гонсало Рамос, Гави, Џуд Белингам… На ЛОИ играат фудбалери до 23 години, но во секоја селекција може да има по тројца постари, а Килијан Мбапе во почетокот на годинава ја повтори желбата да игра на домашен терен, пишува ИОК

ФУДБАЛ

Најмладите фудбалери на Светското првенство (СП) во Катар оставија траен впечаток и доколку продолжат да блескаат, имаат големи шанси да настапат и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, да тргнат по стапките, на пример, на Нејмар и Лионел Меси, кои во кариерите освоија и златен олимписки медал.
Аргентина ја освои титулата на годинашното Светско првенство по возбудливиот турнир во Катар. Ќе има уште една можност за некои од најдобрите светски фудбалери да блеснат на Летните олимписки игри во Париз, а Килијан Мбапе во почетокот на годинава ја повтори желбата да игра на домашен терен, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на својата интернет-страница. Ако игра во Париз, Мбапе ќе треба да биде именуван како еден од тројцата постари играчи во 18-члениот тим на Франција за фудбалери до 23 години, пишува ИОК.
Само фудбалерите родени на 1 јануари 2001 година или помлади имаат право на настап во квалификациите за ЛОИ и на турнирот. Вкупно 79 фудбалери што настапија на СП 2022 ќе можат да учествуваат без да заземат место во категоријата постари фудбалери од 23 години.
Репрезентација со најмногу играчи до 23 години на Светското првенство беше Шпанија, со седум, а потоа Костарика со шест. Шпанија, исто така, веќе имаше седум олимпијци во Катар, сребрените медалисти од ЛОИ во Токио, Педри и Ерик Гарсија, кои ќе можат да играат и во Париз. Во иста ситуација е и Бразилецот Габриел Мартинели, кој го освои златото на Игрите во Токио одржани во минатата година. Аргентинецот Енцо Фернандез, кој ја освои наградата за најдобар млад фудбалер на Светското првенство во Катар, исто така, може да настапи на ЛОИ во Париз, како и Едуардо Камавинга од Франција, Јусуфа Мукоко од Германија, Гонсало Рамос од Португалија, Гави од Шпанија, Џуд Белингам од Англија…
Според досегашните квалификации, само САД и Доминиканската Република, заедно со домаќинот Франција, се пласираа за настап на фудбалскиот олимписки турнир во Париз, на кој треба да играат 16 репрезентации, пишува ИОК.