БЕЈЗБОЛ
Роботските судии влегуваат во употреба во следната сезона, откако Комитетот за натпреварување на бејзбол-лигата (МЛБ) на САД одобри употреба на автоматизиран систем за одлуки во 2026 година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Судиите уште ќе носат одлуки, но тимовите можат да оспорат две по натпревар и да добијат дополнителни можности во продолженијата. Тимот го задржува својот предизвик на одлука доколку е успешен.
– Мислам дека со каков било вид технологија, нема стоотстотна сигурност за точноста на системот. Мислам дека истото тоа може да се каже и за судиите. Затоа мислам дека треба да се сфати влијанието што технологијата ќе го има и за тоа дали ќе можеме ја прифатиме таа грешка што е поврзана со системот, дури и ако грешката е многу, многу мала – вели Остин Слејтер, член на Њујорк јенкис, еден од четворицата играчи во Комитетот за натпреварување, пренесе АП.
Судиите од МЛБ точно одлучуваат за околу 94 насто од случаите, според „UmpScorecards“. Додавањето роботски судии веројатно ќе ги намали исфрлањата од игра. МЛБ соопшти дека 61,5 отсто од исфрлањата кај играчите, менаџерите и тренерите минатата година биле поврзани со одлуки околу фрлените топки, како и 60,3 насто сезонава до минатата недела, пишува АП. Бројките вклучуваат исфрлања поради навредливи коментари, фрлање опрема при протести и несоодветно однесување.
– Во текот на целата година малку не бев целосно согласен со тоа како точно ќе се имплементира, но ќе биде тука и се надевам дека тоа е добра работа. Многу од работите што ги направи МЛБ мислам дека беа навистина успешни во промените што ги направија и се надевам дека ова е уште една од нив – вели менаџерот на Њујорк јенкис, Арон Бун, пренесе АП. Н.М.