Фото: „Нова Македонија“

На вториот турнир од оваа лига, одигран во Беверен, Македонија го совлада Азербејџан со убедливи 3-0 во сетови, а потоа минимално со 2-3 во сетови загуби од домаќинот Белгија

ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА ЗЛАТНА ЛИГА

Сениорската одбојкарска репрезентација на Македонија забележа една победа и еден пораз (вкупно трет) на вториот турнир во Европската златна лига (ЦЕВ), кој се одигра во белгискиот град Беверен. Црвено-жолтите, предводени од новиот селектор Хари Наковски, прво ја совладаа селекцијата на Азербејџан со убедливи 3-0 во сетови (25-17, 25-17, 25-18), а вториот ден минимално со 2-3 во сетови загубија од домаќинот Белгија (22-25, 25-22, 17-25, 26-24, 15-17), иако беа на прагот да остварат победа во петтиот решавачки сет. При резултат 15-14, Македонија не искористи сет-меч топка.
– Одигравме добар натпревар против Белгија, на кој самодовербата беше на високо ниво. Видовме дека можеме да играме против секого. На моменти имавме многу добра игра, но и падови. Треба да бидеме поконстантни. Сметам дека оваа репрезентација може да се приспособи кон секоја екипа и нема од што да се плаши. Ако мотивацијата, желбата, самодовербата е на високо ниво, можеме да играме натпревари како овој, а зошто и да не победуваме – вели репрезентативецот Владо Милев.
Последниот трет турнир на распоредот е на 31 мај во Осиек, каде што Македонија ќе игра со домаќинот Хрватска (19 ч.), а следниот ден во истиот град (19 ч.), против Шпанија. Првите четири репрезентации од вкупно 12-те од оваа лига ќе се пласираат во полуфиналето од плејофот, додека последнопласираната 12-та селекција ќе испадне и од следната година ќе игра во Европската сребрена лига.
– Одамна не сум бил толку тажен за изгубен натпревар. Против Белгија беше наш мечот, водевме сето време во петтиот сет, но за малку не нѐ послужи среќата. Еден поен одлучуваше цел натпревар. Мораме да бидеме малку похрабри во завршницата на сетовите, а особено во петтиот, кој, пак, одамна не сме го играле. Тажен сум што загубивме, но и среќен поради што ја покажаа нашите момци – рече репрезентативецот Ѓорѓи Ѓорѓиев.
Европската златна лига е значајно натпреварување, но, сепак, главната цел на македонските одбојкари летово ќе бидат двата квалификациски дуела за следното Европско првенство (ЕП), кое, според новиот календар на ЦЕВ, наместо во 2025-та, ќе се игра во 2026 година. Македонија е во група со Грузија и со Грција. Првиот натпревар е на гости во Грузија на 17/18 август, а вториот со Грција на домашен терен на 25 август. За Македонија пласманот на ЕП ќе биде четврти во низа. Г.И.


РЕЗУЛТАТИ 3. И 4. КОЛО

Азербејџан – Белгија 0-3
Хрватска – Романија 3-1
Естонија – Шпанија 3-2
Чешка – Луксембург 3-0
Финска – Естонија 3-1
Македонија – Азербејџан 3-0
Португалија – Хрватска 1-3
Украина – Чешка 1-3
Шпанија – Финска 3-1
Белгија – Македонија 3-2
Луксембург – Украина 0-3
Романија – Португалија 2-3


ТАБЕЛА
1. Чешка 4 4 0 12-1 12
2. Хрватска 4 4 0 12-4 12
3. Украина 4 3 1 10-4 9
4. Португалија 4 3 1 10-6 8
5. Шпанија 4 2 2 9-7 7
6. Финска 4 2 2 8-7 6
7. Белгија 4 2 2 7-8 5
8. Естонија 4 2 2 7-9 5
9. Романија 4 1 3 7-9 4
10. Македонија 4 0 4 6-9 4
11. Луксембург 4 0 4 0-12 0
12. Азербејџан 4 0 4 0-12 0