Македонија го освои 16-то место на 33. Европско првенство, што е и најголем успех во историјата на македонската репрезентативна одбојка во нејзиното трето учество на континенталните шампионати. На ЕП 2019 црвено-жолтите беа 17-ти, а во 2021 година 23-ти

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА

Македонската одбојкарска репрезентација го освои 16-то место на 33. Европско првенство (ЕП), кое се одржува во Италија, Бугарија, Македонија и во Израел во конкуренција на 24 држави, што е и најголем успех во историјата на македонската репрезентативна одбојка во нејзиното трето учество на континенталните шампионати. На ЕП 2019 црвено-жолтите беа 17-ти, а во 2021 година 23-ти.
Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски по четвртото место во групата Ц, која се играше во Скопје (победи на дуелите со Данска и со Црна Гора, имаше порази од Холандија, Полска и од Чешка), во осминафиналето играа со првиот од групата А, а тоа беше актуелниот европски и светски првак, репрезентацијата на Италија, која во италијанскиот град Бари победи со 3-0 (25-20, 25-12, 25-15).
– Заврши уште една епизода од нашите кариери и тоа на едно спектакуларно ЕП на кое, да не заборавиме, првпат игравме против светскиот и европски првак. Ваква одбојкарска сила, која ја демонстрираше Италија, одамна немам видено и тешко е да ѝ се спротивставиш. Тоа, како споредба, е да играш кошарка со репрезентација во која се најголемите НБА-ѕвезди. Беа супериорни во многу фази од играта, каде што ние одигравме добро само во првиот сет. Мислам дека Италија е едниот сигурен финалист и дека ќе игра со Полска во финалето, ако сѐ оди според нивниот план. Ја имавме таа привилегија и среќа што ние игравме против моментно двете најдобри репрезентации во светот, кои се пред Бразил, САД, Србија, па затоа е задоволството поголемо што и ние дојдовме во можност да играме со ваков противник и во еден ваков прекрасен амбиент тука, каков што го имавме и ние во Скопје. Дел од постарите репрезентативци ќе останат и понатаму да играат за репрезентацијата додека можат оти се фанатични борци, иако еден-двајца се при крај на своите кариери, но тие ќе бидат вклучени во тренерскиот штаб – вели Миленкоски.
Тој, исто така, гледа позитивно и на македонската иднина во овој спорт, во кој треба да се оди чекор по чекор напред.
– И во иднина ќе биде слично на репрезентативен план, ако не и подобро, оти треба да се оди чекор по чекор напред. Имаме и понатаму млади одбојкари со добра перспектива, така што верувам дека можеме да се бориме за настап и на следното Европско првенство. Но, тоа, сепак, многу ќе зависи од противниците што ќе ги добиеме, групите во кои ќе играме, распоредот на играње… – рече Миленкоски.
Кај Македонците на дуелот со Италија во осминафиналето на ЕП 2023 најефикасни беа Александар Љафтов со 10 и капитенот Никола Ѓоргиев со девет поени, а кај ривалот печат оставија Даниеле Лавина со 16 и Александро Микелето и Јури Романо со по 12 освоени поени.
Со својата игра, залагање и пласман, македонските одбојкари трасираа нов правец по кој треба да се движи иднината на играта под мрежа во Македонија, како и младите генерациите што ќе ги заменат сегашните истакнати одбојкари. Г.И.


ЕП 2023

ОСМИНАФИНАЛЕ
Франција – Бугарија 3-0
Хрватска – Романија 2-3
Словенија – Турција 3-2
Португалија – Украина 0-3
Италија – Македонија 3-0
Холандија – Германија 3-2
Полска – Белгија синоќа
Србија – Чешка синоќа

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Словенија – Украина денеска
Франција – Романија денеска
Италија – Холандија утре
Срб./Чеш. – Пол./Бел. утре