Шерифовски и Мицкоски

Шерифовски се бореше отворено и храбро, го даде максимумот и во целост ја исполни тактичката замисла, а малку недостигаше да извојува победа, вели селекторот Мицкоски

ЏУДО – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ЗАГРЕБ

Еди Шерифовски (во тежинската категорија до 81 кг), кој беше и единствениот македонски џудист, настапи на Европското првенство (ЕП) за сениори, кое вчера заврши во Загреб (Хрватска). На ЕП конкуренцијата беше мошне силна, настапија вкупно 437 натпреварувачи, од 47 земји, со вкупно 496 борби. Шерифовски во првото коло беше слободен, а во второто коло се сретна со актуелниот европски првак од Монпелје во 2023 година и бронзен од ЕП 2022 година, Ведат Албајрак од Турција, кој на ова ЕП го освои бронзениот медал.
– Македонскиот репрезентативец беше подготвен за настап на ова ЕП. Во борбата со актуелниот европски првак Ведат Албајрак влезе со голема самодоверба на татамите прикажувајќи одлична борба. Во првите две минути борбата беше изедначена, Шерифовски активно се бореше, не дозволувајќи противникот да поентира, а борбата беше обележана со многу акции од двете страни, голема борба за гард, како и со наша одлична тактика, која беше договорена претходно. Во последниот дел од борбата Шерифовски при една акција имаше големи шанси да поентира и да стекне голема предност, која ќе настојуваше да ја одржи до крајот, но за малку не успеа да освои поен. Во следната акција поентира противникот. Шерифовски до крајот напаѓаше, но не успеа да возврати, а на самиот крај од борбата при една акција на Шерифовски, противникот изработи контра и со тоа ја осигура победата. Задоволен сум од прикажаната борба на Шерифовски, се бореше отворено и храбро, го даде максимумот и во целост ја исполни тактичката замисла, а малку недостигаше да оствари победа – изјави селекторот на сениорската репрезентацијата на Македонија, Горан Мицкоски. Г.И.


Трпановски (десно) во Загреб

Претседателот на ЏФМ, Трпановски, присутен на ЕП

Претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, викендов престојуваше во Загреб, каде што се одржа Европското првенство (ЕП) во џудо за сениори. Покрај посетата на ЕП, Трпаноски одржа работни состаноци и консултации во врска со Европското првенство за кадети што идната година ќе се одржи во Македонија. Ова е само уште една потврда, дека ЏФМ се движи во правилна насока, а со тоа и сѐ повеќе го унапредува џудо-спортот во Македонија, информираат од ЏФМ. Г.И.