Со по пет поени водеа Нарајанан, Синдаров, Еригаиси и Јакубоев, кои синоќа играа меѓу себе во седмото коло, а осум играчи по шест кола имаа половина поен помалку
ШАХ
Четворица шахисти се на делба на првата позиција на силниот мастерс-турнир во Доха (Катар), на кој играат 250 играчи (58 велемајстори) од 44 држави, на три кола до крајот на турнирот. Дотогаш водечкиот Индиец, Сунидут Нарајанан (рејтинг 2.651), кој ремизира во шестото коло со Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (2.716), го стигнаа неговиот сонародник Арјун Еригаиси (2.712) и Узбекистанците Јавокир Синдаров (2.658) и Нодирбек Јакубоев (2.616), и сега сите имаат по пет бода.
Меѓу осумте играчи што имаат половина поен помалку од водечките се и фаворитите според рејтингот, петкратниот светски првак и шахист со најголем рејтинг, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.839) и Американецот Хикару Накамура (2.780). Во 6. коло Карлсен го победи Индиецот Адитја Самант (2.511), а Накамура ремизира со Индиецот Давид Паравјан (2.599). Накамура остана непоразен, но има и три ремија.
Вчера во седмото коло Карлсен играше со Индиецот Картикејан Мурали (2.616), а Накамура против Пархам Магсудло (2.707) од Иран. Дерби-дуели беа и партиите на првите четворица, Јакубоев против Еригаиси, односно Нарајанан против Синдаров. Г.И.