Мареј пак ќе работи со тренерот со кој ги оствари најголемите успеси

Мареј освои две титули на Вимблдон и една на САД опен, како и два олимписки златни медали, а стана и светски рекет број еден додека работеше со Лендл од 2011 до 2014 година, а потоа и од 2016 до 2017 година

ТЕНИС

Тениската легенда Иван Лендл повторно ќе му биде тренер на некогашниот олимписки првак и трикратен победник на гранслем-турнири, Енди Мареј, а тренинзите треба да почнат во САД следниот месец, пишува „Би-би-си“.
Тие ќе работат неколку недели по мастерс-турнирот во Мајами овој месец, а Мареј се подготвува за сезоната на трева, која почнува во јуни, откако веќе одлучи да ја прескокне сезоната на земјени терени од април до јуни. Тој освои две титули на Вимблдон (2013 и 2016 година) и една на САД опен (2012 година), како и два олимписки златни медали (2012 и 2016 година), а стана и светски рекет број еден додека работеше со Лендл, осумкратен гранслем-шампион. Лендл му беше тренер на Мареј од 2011 до 2014 година и од 2016 до 2017 година.
Мареј, кој планира да назначи и дополнителен тренер, кој ќе патува со него и тесно ќе соработува со Лендл, е светски рекет број 84 и е без постојан тренер откако заврши неговата пет и полгодишна соработка со Џејми Делгадо кон крајот на минатата година. Лендл помина нешто помалку од една година работејќи со Александер Зверев по неговиот втор период со Мареј, но не беше тренер на АТП-турнејата откако тоа партнерство заврши во јули 2019 година, пишува „Би-би-си“.
Мареј има покана за настаните од мастерс-серијата во март во Индијан Велс и во Мајами, а потоа ќе има два месеца да тренира и да се подготви за сезоната на трева.