Дарко Димитровски (на патеката) и неговиот брат Димитар (во заднина) како репрезентативци

Како вечен оптимист, кај мене секогаш постои и ќе постои надежта за подобрување на состојбата во овој спорт сѐ додека постојат луѓе како мојот претходник Игор Михајловски, со кого сме на иста бранова должина и кој ме мотивира со неговиот оптимизам, проактивност, идеи и неуморност во борбата да излеземе од калта во која се наоѓаме, вели Димитровски

ИНТЕРВЈУ: ДАРКО ДИМИТРОВСКИ, НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КУГЛАРСКАТА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

На годишното собрание на Кугларска федерација на Македонија (КФМ), кое се одржа на 23 август годинава во Битола, федерацијата доби нов претседател, кој ќе раководи со КФМ во следните четири години. Тоа е искусниот куглар, тренер и водач на КК Вардар 2014, кој ги бранеше и боите на Македонија, Дарко Димитровски, а доаѓа на местото на досегашниот претседател Игор Михајловски.
Димитровски е роден во 1980 во Скопје. Првата кугларска регистрација ја добива во 1994 година, а прв клуб во кој настапува е најуспешниот во македонската историја, Макпетрол. Неговиот покоен татко Драги беше врвен кугларски работник, куглар, тренер, а во младоста и голман на ФК Работнички. Долги години го водеше КК Макпетрол, почнувајќи од неговото основање во 70-тите години на минатиот век. И неговиот постар брат Димитар е извонреден куглар, стандарден репрезентативец и до неодамна селектор на македонската машка репрезентација, така што за семејството Димитровски куглањето е семејна традиција и голема љубов. Дарко досега има играно и освојувано титули со клубовите Макпетрол, Вардар и сегашниот Вардар 2014, а настапуваше и за ГТЦ, Окта, Работнички и Тутунски комбинат. А „Мусандра“ беше македонскиот кугларски храм, каде што 80 отсто од македонското куглање сѐ случуваше и сѐ уште се случува.

Која беше основната причина да се нафатите на оваа одговорна функција во македонското куглање?
– Како вечен оптимист, кај мене секогаш постои и ќе постои надежта за подобрување на состојбата во овој спорт сѐ додека постојат луѓе како мојот претходник Игор Михајловски, со кого сме на иста бранова должина и кој ме мотивира со неговиот оптимизам, проактивност, идеи и неуморност во борбата да излеземе од калта во која се наоѓаме. Ќе продолжам по неговите чекори, ќе ме поддржува и чувствувам дека заеднички ќе успееме.
Кои се Вашите главни цели сега како прв човек на македонското куглање?
– Сите нормални спортски цели, за жал, зависат од една единствена без која ништо не може понатаму да се движи во куглањето, а тоа е одблокирање на сметката на Кугларската федерација на Македонија (КФМ). Ќе бидам речиси 100 отсто фокусиран на таа цел, а со добар тим околу мене, очекувам да го одржиме куглањето во живот, како и во претходниве десетина години откако сме во незавидна ситуација со блокирана сметка. Дополнително ќе се трудам максимално овој спорт да ја добие заслужената почит од државните институции, нешто што не е случај во моментов.
Можете ли да го остварите тоа или барем дел од зацртаниот план во Вашиот мандат?
– За гореспоменатиот главен проблем, потребна е само волја. Вистински луѓе на вистинско место можат да ја решат ситуацијата за неколку часа или дена. Минаа многу години и мандати и уште се надеваме на тој момент. Откако ќе се случи тоа, подемот на куглањето е гарантиран.
Има ли можност да се направи нова кугларница во Македонија, кога и каде?
– Таквата желба или идеја моментално е во далечна заднина, со оглед на актуелните проблеми што ги имаме со двете постојни скопски кугларници, кои се во тешка состојба и се неподготвени за каков било кугларски професионален натпревар. И за овој проблем ќе бидам гласен, да ме чујат тие што треба да ме чујат иако сум свесен дека ја знаат состојбата. Ќе продолжам да ги потсетувам како што правеше мојот претходник на оваа функција.
Има ли иднина куглањето во Македонија?
– Најтешкото прашање е ова, со оглед на моменталната ситуација. Правиме сѐ во наши можности куглањето да има иднина, да опстои. Трагично би било ваков успешен спорт во Македонија да згасне, ќе тежи на совеста на сите нас куглари и кугларски работници, но и на сите што можеле да го спасат, а не го сториле тоа.
Како да се привлечат што повеќе млади момчиња и девојки да тренираат куглање?
– Многу едноставно. Со соработка на релацијата општина–кугларница, со училишни лиги како дел од физичкото воспитување за младите. Гарантирано е дека барем неколку деца ќе останат на патеките и ќе посакаат да се занимаваат со овој спорт, под услов да се обезбедат минимални основни услови, спортска опрема и достапна коректна кугларница. Тука сме и ние, постарите, волонтерски да ги воведеме во вештините на куглањето.
Има ли шанси куглањето да стане олимписки спорт?
– Не сум оптимист по ова прашање. Далеку е куглањето на девет кегли од исполнување на условите за олимписки спорт.
Напорно ли е да се тренира и натпреварува во куглање?
– Куглањето е спорт во кој и физички најподготвените спортисти добиваат воспаление на мускулите по фрлени педесетина кугли. Тој факт доволно кажува дека куглањето е специфично напорен спорт за кој професионалците се подготвуваат на ниво на фудбалери, ракометари, атлетичари…
На играчки план, дали го достигнавте максимумот или уште не сте го кажале последниот збор?
– Со оглед на тоа дека го водам КК Вардар 2014 во Македонската кугларска лига, сѐ помалку сум активен на патеките, но тоа не значи и крај на мојата играчка кариера. Знам дека можам уште да дадам за спортот и на кугларските патеки. Ќе продолжам играчки да бидам уште активен, му требам на мојот Вардар 2014, а можеби ќе ѝ затребам и на репрезентацијата повторно.
Како Вашиот клуб Вардар 2014 да му ја одземе шампионската титула на неприкосновениот Макпетрол?
– Мисијата наречена титула со младиот Вардар 2014 е остварена во 2021 година. Во моментов амбициите се да бидеме во топ три во лигата, со оглед на финансиската несигурност што бдее над сите клубови, освен над Макпетрол. Вардар 2014 секогаш ќе се стреми кон врвот, но треба и да се биде реален пред фактот дека финансиски моќниот Макпетрол секогаш е убедлив фаворит кога во своите редови има репрезентативци и странски играчи. Да, со силни спонзори зад клубот, квалитетни играчи без разлика дали се домашни или странци, полесно се цели и освојува титула.

Не може без куглањето: Дарко Димитровски

Дали и кога пак ќе те видиме во репрезентацијата со твојот постар брат Димитар, кој досега беше и селектор на репрезентацијата?
– Димитар заедно со досегашниот претседателот Михајловски поднесе оставка од селекторската функција по освоеното петто место на Светското првенство (СП) во Унгарија 2025. Тоа лично го сметам за негов добар потег, оти несвесно полека го губевме неговиот светски признаен играчки квалитет и потенцијал на сметка на селекторската функција, која му донесе многу стрес, неизвесност и намалени играчки перформанси. Нам повеќе ни треба светскиот куглар Димитар во форма во која го знаеме, вистински мотор и лидер на репрезентацијата од играчки аспект.


Кога Македонија ќе го повтори среброто од СП во Залаегерсаг 2013?

Можеби нашите сребрени момци нема да се согласат со мене, но јас би го заменил тој медал за силна и финансиски стабилна федерација со унапредена лига со повеќе екипи во сите возрасни конкуренции. Ова го велам бидејќи иронијата е огромна, оти таа 2013 година, кога направивме кугларска светска сензација, за возврат добивме слободен пад, кој сѐ уште трае. За мене репрезентацијата е светост, сѐ додека сме присутни на големите натпреварувања, живи сме. Репрезентативците жртвуваат лични средства за патувања, што ја покажува нашата упорност да опстоиме. Патем, на последното СП годинава во мај го направивме еден од најголемите репрезентативни успеси со освоеното петто место, оставајќи зад нас светски кугларски сили како што се Хрватска, Чешка, Словачка, Словенија… За иронијата да биде уште поизразена, по голема неизвесност отпатувавме во последен момент, како и секогаш последниве години, со најминималните подготовки некогаш направени. И уште еднаш ќе ја искористам оваа можност јавно да му се заблагодарам на единствениот човек со слух за нас, директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, кој ни обезбеди тренинзи во тамошната кугларница. Македонската машка репрезентација со нејзините успеси остварени во минимални услови на подготовки е едно големо спортско чудо. Пресреќен сум што истата желба и упорност се случуваат и во нашата женска репрезентација, која почна редовно во полн состав да настапува на СП. Прашање на време е успехот, кој неминовно ќе дојде со такви упорни, но и квалитетни кугларки, дециден е новиот претседател на КФМ, Димитровски.