Во поединечна конкуренција победи трикратниот поединечен првак на Македонија во низа Младен Донковски, со 626 соборени кегли
КУГЛАЊЕ – 26. МЕМОРИЈАЛ „ГАВРИЛО ГАВРИЛСКИ 2024“
Најуспешниот кугларски клуб во македонската историја, скопски Макпетрол, е победник на традиционалниот меѓународен турнир „Гаврило Гаврилски 2024“, кој 26-ти пат се одржа во кугларницата „Мусандра“ во Скопје. Во досегашната историја на овој престижен и многу популарен турнир, Макпетрол вторпат успеа да го освои славеничкиот пехар, што само зборува за досегашниот квалитет на турнирот.
За успехот да биде уште поголем се погрижи и трикратниот поединечен првак на Македонија во низа и стандарден член на репрезентацијата на Македонија, Младен Донковски, кој триумфира во поединечна конкуренција
На турнирот годинава Макпетрол настапи во состав: Ибрахим Мемеди (564 соборени кегли), Младен Донковски (626), Сашо Трпковски (570), Душко Ајдин (549), Дарко Марковиќ (550), Милош Радојичиќ (551), а резерви беа Игор Беличански (531) и Владимир Даниловски (535).
На годинашниов турнир „Гаврило Гаврилски 2024“ настапија четири екипи, а Макпетрол првото место го освои соборувајќи вкупно 3.410 кегли. Втора е селекцијата на куглари што играат во Македонската кугларска лига со 3.329, трета е белградска Црвена звезда со 3.277, а четврта е екипата на Борац Бања Лука со 3.264 соборени кегли.
Во поединечна конкуренција, Донковски до златниот медал дојде откако собори 626 кегли, среброто му припадна на Горан Цимеша од Црвена звезда со 596, а бронзата на Љубинко Џајиќ од Борац Бања Лука со 591 соборена кегла. Г.И.