КУГЛАЊЕ – ДЕНЕСКА ВО СКОПЈЕ 27. МЕМОРИЈАЛ „ГАВРИЛО ГАВРИЛСКИ“

  • На турнирот годинава ќе настапат српските екипи Црвена звезда и Крагуевац, селекција на куглари што играат во Првата македонска кугларска лига, како и домаќинот Макпетрол

Најуспешниот кугларски клуб во Македонија, но и воопшто во македонскиот спорт, Макпетрол, денеска во скопската кугларница „Мусандра“, (од 11 часот), 27. пат ќе го организира традиционалниот меѓународен турнир „Гаврило Гаврилски“.
Турнирот се организира во чест на поранешниот генерален директор на Макпетрол и човекот што ја фрли првата кугла во кугларницата „Мусандра“ во ГТЦ. Во досегашната историја на овој престижен и многу популарен турнир, Макпетрол, кој го брани трофејот од лани, ќе се обиде третпат да го освои славеничкиот пехар, што само зборува за досегашниот квалитет на овој турнир.
На турнирот ќе настапат српските екипи Црвена звезда и Крагуевац, селекција на куглари што играат во Првата македонска лига, како и домаќинот Макпетрол, предводен од тренерот Душко Ајдин. Трите најдобри екипи ќе добијат пехар и медали, а тројцата најдобри куглари ќе добијат пехари.
– И годинава очекувам да видиме квалитетни борби, многу соборени кегли, неизвесност на патеките, а за победничкиот пехар сметам дека борбата ќе се води помеѓу Макпетрол и Црвена звезда. Макпетрол двапати го освои овој турнир, се надевам дека денеска ќе го сториме тоа и третпат. Ја повикувам и публиката да дојде во што поголем број и да ужива во кугларските дуели – вели генералниот секретар на клубот, Николче Крстев.
На ланскиот турнир настапија четири екипи, а Макпетрол го освои првото место со 3.410 соборени кегли. Втора беше селекцијата на куглари што играат во Првата македонска лига со 3.329, трета беше белградска Црвена звезда со 3.277, а четврта екипата на Борац Бања Лука со 3.264 соборени кегли. Во поединечна конкуренција, Младен Донковски (Макпетрол) постигна најдобар резултат со 626 соборени кегли, втор беше Горан Цимеша од Црвена звезда со 596, а трет Љубинко Џајиќ од Борац Бања Лука со 591 соборена кегла.
Макпетрол, чиј претседател е Љубомир Тодоровски, зад себе има 24 освоени титули екипен шампион на Македонија. На меѓународната сцена најголемиот успех го постигна во 2012 година, кога беше втор во Купот на НБЦ во Аузгбург (Германија). Г.И.