На двата досегашни настапа на Медитеранските игри, Македонија освои вкупно 11 медали

МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ ВО ОРАН

На претстојните Медитерански игри (МИ) во алжирскиот град Оран (од 25 јуни до 5 јули), третпат ќе настапи и Македонија, по Игрите во Мерсин (Турција) во 2013 година и во Тарагона (Шпанија) во 2018 година. Засега на списокот за Оран фигурираат вкупно 112 патници, од кои 77 се спортисти во 10 спорта.
– Македонската спортска експедиција на Медитеранските игри во Оран ќе учествува во атлетика, мечување, ракомет, џудо, карате, спортско стрелаштво, пливање, таеквондо, одбојка и во борење. До овој момент, сигурни се 77 спортисти и 35 официјални лица, тренери, физиотерапевти, лекари и канцеларија на МОК. Но, секако, можно е да има уште некоја промена – вели спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски.
На двата досегашни настапа на МИ, Македонија освои вкупно 11 медали. Во Мерсин сребрен медал освои борачот Дејан Богданов, а бронзени борачите Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџалари и боксерот Фатлум Жута. Во Тарагона, пак, со злато се закитија каратистот Берат Јакупи и борачот Магомедгаџи Нуров, со сребро таеквондистот Дејан Георгиевски, а со бронзи каратистите Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски и борачот Дејан Митров. Во Мерсин македонската експедиција имаше 159, а во Тарагона 72 члена.