ВИКЕНДОВ ПОЧНУВААТ МЕДИТЕРАНСКИТЕ ИГРИ ВО АЛЖИР
На двата досегашни настапа на медитерански игри, Македонија освои вкупно 11 медали (по два златни и сребрени и седум бронзени). На Медитеранските игри во Оран ќе настапат околу 3.500 спортист(к)и од 26 држави, кои ќе се натпреваруваат во 24 спорта (Македонија во таеквондо, џудо, борење, карате, атлетика, пливање, стрелаштво, мечување, ракомет и во одбојка)
Македонската 114-члена експедиција, составена од 77 спортист(к)и и од 37 официјални лица (тренери, физиотерапевти, лекари…), синоќа отпатува за Оран (Алжир), за настап на 19. Медитерански игри (МИ), кои треба да се одржат од сабота до 5 јули.
Македонија, која третпат ќе настапи на МИ, по Мерсин (Турција) во 2013 и Тарагона (Шпанија) во 2018 година, годинава ќе има претставници во 10 спорта, и тоа во осум во поединечна конкуренција, во таеквондо, џудо, борење, карате, атлетика, пливање, стрелаштво и во мечување, и во два екипни спорта, во ракомет и во одбојка, жени и мажи. На свеченото отворање на Медитеранските игри во Оран, македонското знаме ќе го носат каратистката Симона Заборска и таеквондистот Дејан Георгиевски.
– За мене ова се втори Медитерански игри, по тие во Тарагона во 2018 година, кога бев втор. Сега во Оран одам по злато, во добра форма сум, во минатите неколку месеци имав многу натпревари. Верувам дека, покрај мене, и другите македонски спортисти ќе забележат добри резултати на Игрите – изјави на вчерашната средба со новинарите сребрениот олимпиец од Токио 2020, Георгиевски.
Од македонските спортисти на Медитеранските игри добар резултат, па и нов државен рекорд, би можело да се очекува од атлетичарот Дарио Ивановски, кој годинава веќе собори пет рекорда.
– На минатите Медитерански игри се пласирав во финалето во трката на 1.500 метри, а во Оран ќе трчам на 5.000 метри. Верувам дека овој пат ќе забележам поголем успех, во „топ форма“ сум, одлично сум подготвен – рече Ивановски.
Покрај спортистите, меѓу службените лица се и двајца ракометни судии. На Медитеранските игри во Оран ќе настапат околу 3.500 спортист(к)и од 26 држави (Албанија, Алжир, Андора, БиХ, Грција, Египет, Италија, Кипар, Косово, Либан, Либија, Македонија, Малта, Монако, Мароко, Португалија, Сан Марино, Србија, Словенија, Сирија, Тунис, Турција, Франција, Хрватска, Црна Гора и Шпанија), кои ќе се натпреваруваат во 24 спорта.
Македонската експедиција, како и другите, ќе биде сместена во Олимпиското село, кое по Игрите ќе се претвори во универзитетски центар, информира Владимир Богоевски, спортски директор на Македонскиот олимписки комитет.
На двата досегашни настапа на медитерански игри, Македонија освои 11 медали. Во Мерсин со сребрен медал се закити борачот Дејан Богданов, со бронзени борачите Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџалари, како и боксерот Фатлум Жута.
Во Тарагона, пак, златни медали освоија каратистот Берат Јакупи и борачот Магомедгаџи Нуров, сребрен таеквондистот Дејан Георгиевски, бронзени каратистите Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски и борачот Дејан Митров.
Во Мерсин македонската спортска експедиција имаше 159, а во Тарагона 72 члена.
Г.И.; Л.Д.