Македонските одбојкари, кои не беа во комплетен состав, без повредените Ричлиев и Милев, не успеаја, и покрај големата желба, да ѝ се реваншираат на Албанија за поразот во Скопје. На фајналфор-турнирот во Будимпешта ќе настапат Унгарија, Финска, Романија и уште една селекција од групата 2

ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА

Македонската машка одбојкарска репрезентација го претрпи и третиот пораз во групата Б во Европската сребрена лига, а втор од Албанија, предводена од расположениот Антон Ќафарена. По поразот во Скопје (1-3), црвено-жолтите загубија и на гостински терен во Тирана со 1-3 и со тоа драстично ги намалија шансите да бидат дел од фајналфор-турнирот во Будимпешта (на 18 и на 19 јуни), каде што ќе се пласираат првопласираните две селекции од двете групи.
Македонските одбојкари, кои не беа во комплетен состав во Тирана, без повредените Кире Ричлиев и Владо Милев, и покрај големата желба да се реваншираат за поразот во Скопје, сепак, не успеаја. Надеж за пресврт се појави во четвртиот сет кога Македонија поведе со 21-20, но потоа загуби четири поени во низа, кои не можеа да се надоместат. Не помогна ни одличната игра на капитенот Никола Ѓоргиев и неговите 34 поени.
По ова коло, Македонија падна на третата позиција во групата 2 со четири бода, а на втората изби Албанија со седум. Во вториот натпревар од ова коло во групата, Романците забележаа нова победа со 3-1 над БиХ на гостински терен и убедливо се први на табелата со 11 бода, односно веќе обезбедија пласман на фајналфор-турнирот во Будимпешта, каде што ќе играат и Унгарија и Финска од групата 1.
Во претпоследното коло на групната фаза, Македонија на свој терен, задутре ја пречекува Романија, а Албанија ќе игра дома со БиХ.
Вкупниот победник на Европската сребрена лига ќе обезбеди учество во изданието на Европската златна лига, во 2023 година.


ГРУПА Б, 4. КОЛО

Албанија – Македонија 3-1
БиХ – Романија 1-3
ТАБЕЛА
Романија 4 4 0 12-4 12
Албанија 4 2 2 9-8 7
Македонија 4 1 3 7-9 4
БиХ 4 1 3 4-11 2

Идно коло, среда: Македонија – Романија (20.15 часот), Албанија – БиХ (19 ч.).