ЗАПОЧНА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ОДБОЈКА

Публиката секогаш е еден од главните фактори што играле значајна улога, а во Скопје се посакува да биде во што поголем број, оти бодрењето на црвено-жолтите многу ќе им биде потребно. Кампањата што започна со добивањето на организацијата е успешно спроведена и сега на ред се одбојкарите да остварат што подобар пласман

Македонија од утре до 6 септември ќе биде домаќин на една од групите на Европското првенство (ЕП) во одбојка за сениори. Имено, во групата Ц во Скопје македонските одбојкари ќе се сретнат со светската одбојкарска велесила Полска, со Холандија, Чешка, Данска и со Црна Гора, а натпреварите ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“. Првите четири репрезентации од групата ќе се пласираат во групната фаза, односно во осминафиналето. Покрај Македонија, кодомаќини на ова ЕП се уште и Италија, Бугарија и Украина. ЕП 2023 oофицијално започна вчера, со мечот Белгија – Италија од групата А, која се игра во Италија, а таму (Рим) ќе се играат и финалниот меч и дуелот за третото место.

Планот на подготовки македонските одбојкари го стартуваа уште на 2-3 мај, со настапот во Златната европска лига. Проектот за ова ЕП, во кој се прави прво презентација на државата, потоа на градот Скопје, па на македонската одбојката, а на крајот на федерацијата и играчите, успешно беше подготвен. Во рамките на подготовките црвено-жолтите одржаа неколку контролни дуели со странски селекции, како и традиционалниот меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, каде што настапија Израел, Египет и Грција.

Публиката секогаш е еден од главните фактори што играле значајна улога, а во Скопје се посакува да биде во што поголем број, оти бодрењето на црвено-жолтите многу ќе им биде потребно. Кампањата, која започна со добивањето на организацијата, е успешно спроведена и сега на ред се одбојкарите да остварат што подобар пласман, а секако осминафиналето ќе биде примарна цел. Секој што сака да гледа натпревари во СЦ „Борис Трајковски“ може да си купи дневен билет во сите продажни места на „МК тикетс“ во Македонија. Цената на дневните билети се движи од 500 до 750 денари, додека билет за сите натпревари на Македонија чини 1.800 денари.

Пласман во втората фаза, односно меѓу првите четири селекции од групата Ц, каде што е сместена Македонија е реален, а црвено-жолтите предводени од искусниот стратег Јошко Миленкоски ќе ја бараат шансата пред сѐ против Данска и Црна Гора, но не се исклучува и Чешка во последното коло. Прв фаворит секако е Полска, а тука е и Холандија, која играше во финалето против Италија на ЛОИ во Барселона 1992 година.

Македонија дебитира на европските првенства во 2019 година (17-то место), а во групата што се играше во Љубљана забележа две победи, од кои една против подоцнежниот вицепрвак Словенија. Потоа следуваше настап и на ЕП во Полска, Чешка, Естонија и во Финска во 2021 година (23-то место), така што македонските одбојкари, предводени од искусните Никола Ѓоргиев, Александар Љафтов, Владо Милев и другите репрезентативци, на својот трет континентален настап во Скопје ќе настојуваат да го остварат и најдобриот досегашен пласман, односно пласман во осминафиналето.

Покрај Данска (утре 20 ч.), Македонија три дена подоцна ќе игра со Црна Гора, па ќе следува мечот со водечката селекција на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ), Полска (на 3 септември), потоа е дуелот со Холандија (5 септември), а следниот ден е и мечот со Чешка. Сите натпревари Македонија ги игра од 20 часот, освен против Холандија (17 ч.). Четирите најдобри репрезентации од оваа група ќе продолжат во осминафиналето во италијанскиот град Бари. Г.И.