Со овој успех, Македонија испиша нова историја на меѓународните настапи во боречките спортови, вели џудо-тренерот и селектор на Македонија, Дејан Мицкоски

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО КУРАШ

Македонската репрезентација постигна забележителен успех на Европско првенство во кураш за кадети/ки, јуниори/ки и сениори/ки во Грција, освојувајќи 15 медали, од кои по четири златни и сребрени и седум бронзени.
– ЕП во кураш, што претставува боречка вештина сродна на џудото, во организација на Европската кураш-конфедерација, се одржа во Кожани, Грција. Таму настапија околу 280 натпреварувачи од 16 држави. Македонската репрезентацијата, освен во поединечна, настапи и во екипна конкуренција микс-тимови, мажи и жени и освои бронзен медал, а официјален претставник беше претседателот на нашата кураш-федерација, Ердал Факиќ. Со овој успех, Македонија испиша нова историја на меѓународните настапи во боречките спортови – вели џудо-тренерот и селектор на Македонија, Дејан Мицкоски, кој ги предводеше македонските натпреварувачи.
Во кадетска конкуренција сребро освоија Јован Стојановски (категорија до 55 кг) и Амина Факиќ (до 63 кг), а бронза Теа Настоска (до 44 кг), Елеонора Илиоска (до 48 кг), Михаил Димоски (до 66 кг) и Ахмет Факиќ (до 73 кг). Кај јуниорите со злато се закитија Магдалена Најдоска (до 52 кг), Кристина Мантароска (до 63 кг) и Мартина Јанкоска (до 78 кг), а сребро освои Омар Факиќ (до 100 кг). Во сениорска конкуренција злато ѝ припадна на Теодора Димеска (до 48 кг), сребро на Маја Бобан Реџиќ (до 87 кг), а бронза освоија Алберт Реџиќ (до 90 кг) и Бајро Машовиќ (над 100 кг). Г.И.