Николовска (лево) шести пат ќе игра на ШО, Ристески ќе дебитира

Македонија нема екипен медал од шаховските олимпијади (ШО), но има три поединечни (злато Јаќимовиќ, сребро Георгиев и бронза Недев) и четврто место (Јаневска-Кизова). ШО 2022 почнува денеска, шахистите пред почетокот се рангирани како 61. меѓу 188 селекции, а шахистките се 71. меѓу 162 репрезентации. На 13 ШО досега, македонските шахисти во првото коло забележале 12 победи и еден пораз, а шахистките три победи, осум порази и едно реми на 12 учества

ВО ПРЕСРЕТ НА НОВ НАСТАП НА ШАХОВСКАТА ОЛИМПИЈАДА

Со партиите од првото коло, денеска и официјално ќе почне 44. Шаховска олимпијада (ШО), која до 10 август ќе се игра во индискиот град Ченаи во 11 кола. Македонските шахисти пред почетокот се рангирани како 61. со просечен рејтинг 2.389, меѓу 188 селекции, а шахистките се 71. (1.863) меѓу 162 репрезентации. Настапуваат вкупно 935 шахисти, од тоа 235 велемајстори (ВМ), како и 798 шахистки (15 ВМ).
На 13 шаховски олимпијади досега, македонските шахисти забележале 12 победи во првото коло, од кои половина со максимални 4-0 (на дуелите со Шри Ланка, Гвајана и по двапати со Макао и со Брунеи), а загубиле само од Азербејџан (0-4) на ШО 2008 во Дрезден. Шахистките, пак, имаат негативен ефект на стартот, на 12 ШО оствариле три победи, од кои две со максимални 4-0 (Пакистан и Свазиленд), а еднаш со 2-1 (Панама), загубиле осум пати и имаат едно реми, со силната Русија (1,5-1,5) на ШО 1994 во Москва, што беше голем успех во дебитантскиот настап на репрезентацијата.

ДОСЕГА 32 УЧЕСНИЦИ

– Според некое непишано правило, секој пласман над почетниот би бил задоволувачки, особено со оглед на тоа дека годинава играме во многу подмладен состав. Верувам дека зборувам во име на целиот тим, кога велам дека ќе дадеме сѐ од себе за да ја претставиме Македонија во најдобро можно светло и да се вратиме со што поголем број победи. Иако сме дојдени пред три дена, веќе се чувствуваме максимално добредојдени, луѓето тука се прекрасни. Сепак, ќе ни треба некој ден да се аклиматизираме, на целокупното искуство, а оваа чудесна култура дефинитивно вреди да се почувствува – вели Драгана Николовска, која шести пат ги брани боите на Македонија на ШО.
Досега најмногу настапи на ШО од шахистите има сегашниот селектор Трајко Недев, 12 (не настапи само во Москва во 1994 година), а следуваат Никола Митков (10), Звонко Станојоски (осум), Влатко Богдановски (седум), Владимир Георгиев (седум)…, односно вкупно 17 шахисти. Кај шахистките убедливо води Габриела Коскоска (11), пред Весна Секуловска (седум), Моника Стојковска, Бојана Бејатовиќ, Драгана Николовска (сите со по пет)… или вкупно 15 шахистки. Но тој број сега во Ченаи ќе се зголеми, оти Македонија ќе настапи со четворица дебитанти, Емил Ристески и Андреј Велјаноски во машка и Леа Ефтовска и Моника Жежовска во женска конкуренција.
– Поединечно немам некои посебни очекувања, ќе се обидам да го дадам максимумот и да му помогнам на тимот колку што можам повеќе. Како репрезентација, ако завршиме 10-15 места над почетниот ранг, треба да сме задоволни – вели младиот Ристески.

ЗЛАТО, СРЕБРО, БРОНЗА

Македонија на ШО нема екипен медал, но затоа има три поединечни. Недев во 1996 година во Ереван освои бронзен медал играјќи како прва резерва, Драгољуб Јаќимовиќ се закити со златен медал на ШО 2000 во Истанбул на третата табла и Владимир Георгиев освои сребро на ШО 2004 во Калвија. Блиску до медал беше и Александра Јаневска-Кизова, која на ШО 1998 во Елиста беше четврта како резервна табла.
– Се надевам дека ќе успееме да се покажеме во најдобро светло и да завршиме со подобар пласман од почетниот. Немам трема и навистина мислам дека со добра игра ќе можеме да постигнеме повеќе позитивни резултати – вели младата дебитантка на ШО, Ефтовска.
На ШО досега најмногу успеси кај мажите имал поранешниот СССР (18 први места), пред Русија (осум), САД (шест), Унгарија, Ерменија (по три) итн. Кај жените доминирал СССР (11 титули), пред Кина (шест), Грузија (четири), Русија (три), Унгарија (две) итн. Г.И.