ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА

Македонската селекција оствари пласман за пет места подобар од почетниот. Златото ѝ припадна на Полска, среброто на Венецуела, а бронзата на Шпанија

Македонската репрезентација го освои 13-то место меѓу 22 селекции на 17. Шаховска олимпијада (ШО) за слепи и за слабовидни играчи во Врњачка Бања (Србија), што е за пет места подобар пласман од почетниот (1.882 рејтинг-поени, рангирана на 18-то место пред ШО 2025), што е успех. Македонските шахисти, предводени од селекторот Зоран Стојчевски, освоија осум бода (две победи, четири ремија и три порази, 18,5 поени по табли). Во последното, деветто коло на ШО 2025 беше совладана Италија (1.898, рангирана на 16-то место) со 3-1. Зоран Костадиновски (1.846), кој ги одигра сите партии, со црни фигури загуби на првата табла од Марко Касаден (2.010), а цел поен освоија Жарко Селковски (1.903) против Берсан Вриони (1.966), Стефан Мелник (1.829) против Џанкарло Бадано (1.859) и Филип Арсов (1.817) против Џиажуанг Вандели (1.756).

Македонија ги победи Франција и Италија со по 3-1, загуби од Бугарија, Литванија и од Туркменистан, со по 1,5-2,5, а ремизира со Словачка, Словенија и со Хрватска. Поединечно најуспешен е Селковски со 6,5 поени од седум партии (шест победи, по еден пораз и реми) и освоени нови 32,8 рејтинг-поени, што беше доволно за петто место на третата табла. Златото го освои прворангираната Полска (рејтинг 2.235) со 16 бода, среброто Венецуела (1.996, рангирана деветта) со 14 бода, а бронзата Шпанија (2.116, рангирана четврта) со 13 бода. Победникот на ШО 2021, Русија, која е и најтрофејна, со седум титули, не настапи во Врњачка Бања. Македонија на ШО 2021 (рангирана дванаесетта) го освои 11-то место со девет бода, а на ШО 2017 во Охрид (деветта пред почетокот) меѓу 27 селекции беше на 14-то место со девет бода. Г.И.