Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија ќе игра во групата Ц, во Скопје, со Полска, некогашен светски, олимписки и европски првак, актуелен светски вицешампион и број еден на листата на ФИВБ, потоа со Холандија, Чешка, Црна Гора и со Данска, со која Македонија одигра многу средби во минатите седум години

ОДБОЈКА

Актуелниот светски вицешампион Полска, Црна Гора, Холандија, Чешка и Данска се ривалите на репрезентацијата на Македонија на Европското првенство (ЕП) за одбојкари, кое од 28 август до 16 септември в година ќе се игра во Македонија, Италија, Бугарија и во Израел. Тоа беше решено со ждрепката влечена во Неапол (Италија). За Македонија, која мечевите ќе ги игра во Скопје, тоа ќе биде трето учество на континенталните првенства, по настапите во 2019-та (17-то место) и во 2021 година (23-то место).
Полска е одбојкарски гигант, освојувач на златни медали на трите најголеми првенства (на Летните олимписки игри во 1976 година, на светските првенства во 1974, 2014 и во 2018 година и на ЕП пред 13 години). На СП годинава загуби во финалето од Италија, а на претходните две ЕП ги освои бронзените медали. Полска е прва на ранг-листата на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ).
И Холандија во своите витрини има значајни титули, и тоа злато од Летните олимписки игри во 1996 година, од ЕП 1997 и во Светската лига во 1996 година. Холандија на минатото ЕП, во 2021 година, беше петта, а на СП годинава десетта.
Чешка на ЕП 2019 играше во осминафиналето (загуби од подоцнежниот првак Србија) и го освои 13-то место, а две години подоцна беше четвртфиналист на шампионатот на кој беше еден од кодомаќините. На ЕП во 2019 година, пак, во иста група, како и сега, за ЕП 2023, беа Полска (прва во групата), Холандија (втора), Чешка (четврта) и Црна Гора (петта). Тогаш Чешка забележа три победи во групата, од кои една над Холандија, а загуби од Полска и од Црна Гора.

Репрезентацијата на Црна Гора, која на двете претходни европски првенства се пласира веднаш зад Македонија, беше изборот пред ждрепката на Македонија, да играат во иста група, според правилата на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), според кое, пак, Италија ја избра Швајцарија, Бугарија ја избра Финска, а Израел ја избра Романија. Црна Гора победи во Европската лига во 2014 година.
Со Данска македонската репрезентација играше во финалето на Сребрената европска лига во 2021 година, а и во групната фаза таа сезона (победа и пораз), но и во 2014 година (две победи), 2015-та (победа и пораз), 2016-та (две победи), 2017 година (победа во полуфинале)… Данска не играше на претходните две ЕП.
– Првата победа Македонија ја оствари со самото добивање на организацијата. Нема лесни противници, сите ни се познати, останува да се подготвиме квалитетно и да ја освоиме и втората победа. Апсолутно, фаворит е Полска, ќе го имаме светскиот вицешампион во Македонија, неприкосновени се, но ќе играме и со нив, а сите други противници ни се веќе познати, ги имаме победувано, тие нѐ победувале, се надеваме сега на победи во Македонија – изјави по ждрепката Петар Јовановски, за официјалната фејсбук-страница на Одбојкарската федерација на Македонија.
Најдобрите четири репрезентации од секоја од четирите групи ќе се пласираат во осминафиналето. Селекциите од групата во Скопје продолжуваат со настап во Италија.


ЕП 2023 ВО ОДБОЈКА ЗА МАЖИ

ГРУПА А: Италија, Швајцарија, Србија, Германија, Белгија, Естонија
ГРУПА Б: Бугарија, Финска, Словенија, Украина, Хрватска, Шпанија
ГРУПА Ц: Македонија, Црна Гора, Полска, Холандија, Чешка, Данска
ГРУПА Д: Израел, Романија, Франција, Турција, Португалија, Грција