Очекувам да се подготвиме најдобро што можеме, мислам дека имаме квалитет да се пласираме во втората рунда. Ја повикувам македонската јавност да дојде во СЦ „Борис Трајковски“ да нѐ бодри и да ужива во квалитетни одбојкарски натпревари, изјави Милев во пресрет на ЕП 2023, кое за Македонија почнува на 30 август со дуелот со Данска
ОДБОЈКА
Ги почнавме подготовките за Европското првенство, засега сѐ тече во најдобар ред. Очекувам да се подготвиме најдобро што можеме, мислам дека имаме квалитет да се пласираме во втората рунда. Ја повикувам македонската јавност да дојде во СЦ „Борис Трајковски“ да нѐ бодри, сметам дека првпат како држава сме организатор на толку големо натпреварување во машка конкуренција и ја повикувам јавноста да ужива во квалитетни одбојкарски натпревари, изјави македонскиот репрезентативец Владо Милев, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) на својот фејсбук-профил.
Македонија од понеделникот тренира во Скопје, за настап на третото во низа европско првенство (ЕП), во групата Ц во Скопје, каде што ќе игра со Данска, Црна Гора, Полска, Холандија и со Чешка.
– Атмосферата е одлична, работиме напорно, условите се многу добри. Почнавме, се подготвуваме и главното допрва доаѓа. На 30 август ги замолувам сите љубители на спортот, посебно на одбојката, да дојдат и да нѐ бодрат, да уживаме заедно во тој настан и да бидеме сите среќни и задоволни – рече репрезентативецот Александар Љафтов, пренесе ОФМ.
Домаќини на годинашниот континентален шампионат, 34-ти по ред, се и Италија (група А), Бугарија (група Б) и Израел (група Д). Влезниците за натпреварите се пуштени во продажба преку интернет-страницата на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ).
До почетокот на Европското првенство, црвено-жолтите треба да одиграат 11 пријателски натпревари, во периодот од 4 до 20 август, и тоа четири натпревари со Јапонија, три со Романија, два со Израел и по еден со Грција и со Египет. На годинашниот континентален шампионат во групната фаза Македонија прво ќе се сретне со Данска, на 30 август, на 2 септември е мечот со Црна Гора, следниот ден е дуелот со Полска, по еден ден пауза следува натпреварот со Холандија, а на 6 септември и дуелот со Чешка. Во осминафиналето ќе настапат четирите најдобри репрезентации од секоја од четирите групи. Н.М.