На четири кола до крајот водат Карлсен (мажи) и Венјун (жени)
ШАХОВСКИ ТУРНИР ВО НОРВЕШКА
Шахистот број еден во светот, Норвежанецот Магнус Карлсен, ја презеде водечката позиција на силниот турнир во норвешкиот град Ставангер, откако актуелниот светски првак, Кинезот Динг Лирен во еднаква позиција (бен-они), во потег направи голем превид и пред мат, веднаш се предаде. Карлсен зачудено кратко го следеше сето тоа, пред да ја жртвува дамата на полето х7. Ова за Лирен беше негов четврти пораз во низа на турнирот и засега е последен.
На другите дуели во дополнителна армагедон-партија, Американецот Фабијано Каруана беше подобар од сонародникот Хикару Накамура, додека Французинот Алиреза Фирузја го победи Индиецот Прагнананда Рамешбабу, откако го испушти тоа во класичната партија.
Кај шахистките, светската првенка Ју Венјун од Кина го скрши силниот отпор на Индијката Ваишали Рамешбабу, за да ја впише првата класична победа и со тоа ѝ се придружи на врвот на Украинката Ана Музичук, откако Музичук ја победи Кинезинката Леи Тингџие во армагедон-партија. Швеѓанката Пиа Крамлинг ја забележа првата победа против Индијката Химпи Конеру, исто така во тајбрејк.
Резултати шесто коло (мажи): Карлсен – Лирен 3-0, Алириза – Рамешбабу 1,5-0,5, Накамура – Каруана 1-1,5. Табела: Карлсен 12, Накамура 11, Рамешбабу 9,5, Фирузја 8, Каруана 6,5, Лирен 2,5 поени.
Резултати шесто коло (жени): Рамешбабу – Венјун 0-3,Тингџие – Музичук 1-1,5, Конеру – Крамлинг 1-1,5. Табела: Венјун 10,5, Музичук 10,5, Рамешбабу 10, Тингџие 7, Конеру 5, Крамлинг 4,5 поени.
На турнирот победа во класична партија носи три поени, пораз нула, реми во класична и победа во забрзана армагедон-партија 1,5, а реми во класична и пораз во забрзана, еден поен. Забрзаните партии се играат со темпо од 10 минути за белиот, а седум за црниот, но црниот се смета за победник ако партијата заврши реми. Г.И.