ШАХ
Непомнијашчи ќе игра со Лирен, кој беше дел од шампионскиот состав на македонскиот клуб Алкалоид на ЕКК 2016. Актуелниот светски првак Карлсен писмено потврди дека се откажува од правото да ја брани светската титула
Кинескиот велемајстор (ВМ) Динг Лирен (рејтинг 2.811, второрангиран во светот на ноемвриската рејтинг-листа) и официјално доби покана од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) да учествува во мечот за светски првак против Русинот Јан Непомнијашчи (2.793, рангиран трет), кој треба да се одржи следната година.
Лирен, кој играјќи на првата табла беше дел од шампионскиот состав на македонскиот клуб Алкалоид, кој во Нови Сад (Србија) во 2016 година триумфира на Европскиот клупски куп (ЕКК), викендов и официјално е поканет да учествува на мечот за титулата светски првак, откако актуелниот светски шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.859, рангиран прв), и официјално писмено потврди дека се откажува од правото да учествува на мечот и да ја брани светската титула, која првпат ја освои во 2013 година во Ченаи, Индија, победувајќи го индискиот ВМ Вишванатан Ананд.
Непомнијашчи го освои првото место на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, игран годинава во Мадрид, а Лирен беше второпласиран. Г.И.