Анѓушев беше еден од најистакнатите фудбалери на Тиквеш, кого го споредуваат со еден од најдобрите бившојугословенски репрезентативци, Хрватот Ивица Иво-Хорват. Во 1961 година, тој беше во составот на Вардар, кој со победата над Вартекс со 2-1 го освои југословенскиот Куп

Петар Анѓушев

Има многу фудбалери од сите краишта на Македонија што оставиле печат во тимот на нашиот фудбалски бренд Вардар. Еден од тие, кого постарите љубители на фудбалот го познаваат и по прекарот Хорват (презимето на еден од најдобрите играчи во поранешна Југославија), секако е кавадарчанецот Петар Анѓушев. Тој од Тиквеш дојде во македонскиот фудбалски бренд и настапуваше за него во првата половина на 60-тите години од минатиот век. Со своите игри уште во самиот почеток во вардаровиот дрес ги освои симпатиите на гледачите. Анѓушев импресионира со својот физички изглед и заедно со Часлав Божиновски беше меѓу највисоките играчи во одбранбениот бедем на скопјаните.
– Не знам како се случи и кој ме препорача да дојдам во Вардар, но знам само дека во Кавадарци на преговори со управата на мојот матичен клуб Тиквеш дојде познатиот доктор Тевчев. Тој многу години беше меѓу оние што многу придонесоа Вардар да биде она што навистина беше, фудбалски бренд со национално македонско обележје. И другите пред мене го кажале, но и јас ќе го повторам истото, оти желба на секој млад фудбалер од овие наши простори беше еден ден да го облече дресот на Вардар. Да бидам искрен, кога слушнав оти скопјаните се заинтересирани за мене бев изненаден, но и одушевен. Само молев бога Тиквеш и Вардар да најдат заеднички јазик за да можам без проблеми да дојдам во Скопје. Тоа се случи, дури луѓето од Тиквеш беа горди, што, ете, Вардар бара еден нивен играч. Така, набрзо дојде до моја преселба од Кавадарци во Скопје, некаде во почетокот од 1960 година. Единствено што ме мачеше во тие моменти беше дали ќе успеам да ги исполнам очекувањата на управата и на сите симпатизери на Вардар, кои ги имаше низ цела Македонија. Малку подуплашен, но со верба во себе, заминав за Скопје и почна мојот професионален фудбалски живот – се сеќава на тоа време кавадаречкиот Хорват.

Верба во сопствените сили

Нема ништо ново да откријам ако кажам дека сите фудбалери што доаѓаа од другите градови во Вардар, во почетокот имаа некое чудно чувство. Од разговорите со нив секогаш добивав ист впечаток. Имено, со оглед на тоа што знаеја каква фудбалска величина за Македонија е Вардар, сите беа некако скептични и се прашуваа – дали ќе успеат.
– Слична беше ситуацијата и со мене. Верував во себе, но, сепак, одвреме-навреме ќе почувствував мала трема и ќе се запрашав дали чекорот што го презедов беше на место. Но тоа брзо минуваше и самиот си сугерирав оти штом Вардар ме бараше, а не се нудев јас, сигурно тренерите виделе нешто во мене. Сепак, малку ме мачеа и носталгијата и сеќавањата на времето поминато во Тиквеш, заедно со кавадаречките фудбалски идоли меѓу кои посебно ќе ги споменам Јосков и Сапунџиев. Двајцата ме охрабруваа и ми велеа „ти играј ја само својата игра и сигурно ќе успееш“ – вели Анѓушев.
И навистина беше така. Бескомпромисноста и борбеноста беа две особини карактеристични за Анѓушев. Кога на ова ќе се додадеше и играчкото знаење, стануваше јасно оти Вардар добил квалитетно засилување во одбраната, во која дотогаш неприкосновени беа Божиновски и Вучидолов. Двајцата беа многу искусни и секој помлад играч покрај нив се чувствуваше многу посигурно.

Кошарката и ракометот први спортови

Интересно е во оваа пригода да се каже оти Петар Анѓушев, за разлика од многу други фудбалери што доаѓаа во Вардар, имаше претходно стекнато натпреварувачко искуство во други спортови. Љубителите на спортот во Кавадарци, оние повозрасните, ќе се присетат оти нивниот Хорват не почна како фудбалер, туку од спортовите прво беше инволвиран во кошарката.
– Точно е тоа оти поради физичките предиспозиции и височината прво се определив за кошарката. Настапував за Тиквеш на многу натпревари, а играв и на републичкото првенство во Куманово во 1953 година на 15-годишна возраст. Убаво се сеќавам и на нашите противници, особено на Работнички, кој беше предводен од легендарниот Стефан Тодоровскип-Цефи, еден од основоположниците на современата кошарка во Македонија – вели Анѓушев.
Но кошарката не беше единствениот спорт со кој се занимаваше пред да стане фудбалер. Како и кај многуте момчиња од неговиот град, вниманието му го привлекуваше и ракометот. Причина за ова ориентирање кон овој спорт беа и успесите на кавадаречките ракометари, кои беа мошне квалитетни, па дури имаше моменти кога му го „загорчуваа животот“ и на тогаш водечкиот клуб во Македонија, Работнички, кој беше предводен од уште една спортска легенда, Славко Матовски.
– И во ракометот бев успешен, а ова е момент да потсетам оти бев еден од ретките што играше и голем ракомет. Но овој спорт, кој се играше од дамнешни времиња, во мое време кога почнав и јас да го практикувам се „загуби“ и му го отстапи местото на малиот ракомет. Така, сите што игравме голем ракомет почнавме да се занимаваме со овој денешниот, кој во тоа време го нарекувавме мал ракомет. Интересно е дека големиот ракомет во некои држави уште вирееше, но беше очигледно дека се ближи неговиот крај. И навистина беше така. Некако набрзина големиот ракомет, кој се играше во многу земји, особено до 50-тите години на минатиот век беше потиснат и избришан од спортската карта од малиот ракомет, овој денешниот, кој земаше сѐ поголем замав – вели Анѓушев.

Голема поддршка од Дончо

Сега се враќаме на фудбалот, спорт во кој Анѓушев го забележа својот најголем успех. Во него беше препознатлив, особено поради своите физички предиспозиции и корпулентноста со која доминираше во сопствениот шеснаесетник. Тој имаше среќа што влета во една квалитетна вардарова генерација, која подолг период се создаваше и која успеа во 1961 година да го освои југословенскиот куп. Со тоа генерацијата, чии предводници беа Дацевски (Даце), Велковски (Цојле), Шулинчевски (Шули), Дончевски (Дончо), Николовски, Тоде Георгиевски и другите, го достигна својот спортски максимум. Сите оние што беа во составот на победничкиот тим, меѓу кои и Анѓушев, станаа личности за кои многу се зборуваше. Во тој период, а и многу подоцна тие беа македонските спортски херои.
– Сега, кога се враќам на фудбалската кариера, мора да кажам дека за неа и за доаѓањето во Вардар голема заслуга имаше и мојот земјак Андон Дончевски, кој по мајчинска линија ми беше и роднина. Тој подолг период беше во Вардар и практично беше фудбалерот околу кого се вртеше целата игра. Дончо како да чувствуваше и некоја одговорност, па би рекол и обврска да ми помогне зашто и тој „кумуваше“ на моето доаѓање во Вардар. Откако сите коцки се вклопија, почувствував една сигурност и бев убеден дека ќе успеам. Во тоа ме уверуваше и искусниот тренер Антал Лика, кој уште од почетокот негуваше симпатии кон мене. По негов предлог првата година по доаѓањето во Вардар тренирав во Скопје, но уште настапував за Тиквеш. Скопјаните беа коректни и ми обезбедија сместување и исхрана. Мое беше да тренирам и смирено да чекам да видам како ќе се одвиваат работите. Од Лика, кој имаше комплетни информации за моите игри во Тиквеш, зависеше кога ќе се префрлам во Скопје за комплетно да станам член на Вардар. Конечно, во 1959 година се случи и тоа. Бев информиран оти повеќе нема да играм за Тиквеш, туку само за Вардар. А кога ќе се случи тоа – требаше да чекам – додава Анѓушев.
Првата година помина и дојде моментот кога Анѓушев требаше да се појави во дресот на Вардар на првенствените прволигашки натпревари, на кои и симпатизерите ќе можеа да видат дали е тој вистинскиот избор на стручниот штаб на популарниот клуб. Местото му беше во одбраната, на позиција лев бек. На другата страна бековската позиција веќе со години му беше загарантирана на Вучидолов, кој не беше висок како Анѓушев, но беше цврст, брз и голем борец на теренот. Со еден збор дресот со бројот два беше резервиран за него, а за носител на „тројката“ кандидат стана Анѓушев, кој допрва требаше да се докажува.

Деби против Вележ во Мостар

Поради сплет на околности, а и поради тоа што Часлав Божиновски не се чувствуваше најдобро и го мачеа некои здравствени проблеми, судбината сакаше во 42. минута од мечот со Вележ во Мостар во игра да влезе Петар Анѓушев.
– Бев возбуден, а ме зафати и мала трема кога Лика ми рече да се подготвам за да влезам во игра. Имав искуство од настапите за Тиквеш, а и од другите спортови со кои се занимавав пред комплетно да се посветам на фудбалот. Но ова беше нешто друго, многу поодговорно и потешко. Ова веќе беше настап во Првата југословенска фудбалска лига. За малерот да биде поголем требаше да внимавам и да го чувам најдобриот напаѓач на Вележ и репрезентативец на поранешна Југославија, Муиќ. Се „залепив“ до него и не му дадов да трепне. За еден дебитант одиграв одлично, мечот заврши 0-0, Муиќ не постигна гол, а награда за мојата добра игра, кога го напуштавме теренот, ми беше прегратката од тренерот Антал Лика. Бев среќен и задоволен – се сеќава Анѓушев на дебитанскиот меч за Вардар.
За другите моменти од кариерата на Петар Анѓушев-Хорват, како и за освојувањето на Купот на Југославија ќе читате идната недела.


Петар Анѓушев

 

Роден: во 1938 година во Кавадарци
Кариера: Тиквеш, Вардар и Бор како фудбалер, а како кошаркар и ракометар Тиквеш
Успеси: Освоен Купот на Југославија со ФК Вардар во 1961 година, како тренер со ФК Бор прв во Втора МФЛ и влез во Првата лига